Милевски: Најдобро е да се изготви нов закон за рамномерен регионален развој

415

Министерството за локална самоуправа изминатите месеци работи на идентификување на потребата од изменување и дополнување на Законот за рамномерен регионален развој, врз основа на искуството од досегашната имплементација и предлозите за нови пофункционални решенија, изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски на денешниот втор состанок на работната група за регионален и локален развој во Влада.

Милевски посочи дека бил ангажиран експертски тим, со поддршка на Проектот за одржлив рамномерен и инклузивен регионален развој и швајцарската Влада. Во процесот на консултација биле вклучени и ЗЕЛС, кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, како и претставници од Центрите за развој на планските региони.

Тој смета дека е најдобро да се пристапи кон изготовка на нов Закон.

– Главен предизвик е одредбата од Законот дека за рамномерен регионален развој ќе се одвојуваат еден отсто од БДП и ќе се распределуваат според степенот на развиеност. Според досегашното следење на алокациите од ресорните министерства, кон планските региони се насочуваат не еден, туку над два отсто, но само Министерството за локална самоуправа води сметка за степенот на развиеност, а досега преку ова Министерство се распределувале само 0,04 проценти од БДП. Време е со измените на Законот да предложиме квалитетно, одржливо и недвосмислено решение што нема да може секој да го интерпретира на свој начин – изјави министерот.

Второто прашање, посочи Милевски, е начинот на финансирање на Центрите за развој и како до нивна самоодржливост, додавајќи дека целта е да има готови и солидни проекти со кои ќе се аплицира за средства од финансиските инструменти на ЕУ.

За Нацрт-законот, како што рече Милевски, повторно ќе бидат консултирани сите релевантни субјекти и во таа фаза сите ќе можат да се произнесат по предложените решенија. Министерството до крајот на годината планира да подготви и концепт на новата Стратегија за регионален развој за наредните десет години каде појасно ќе се дефинираат резултатите, мерките, но и нивната мерливост преку формулирање на прецизни индикатори.

Милевски смета дека процесот на децентрализација кај нас се уште го нема достигнато нивото на избалансираност меѓу надлежностите и средствата и тоа, како што рече се одразува на работењето на општините.

Она што е од исклучителна важност во овој период, вели Милевски, е улогата на локалните власти во процесот на интегрирање во Европската Унија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...