ИТ секторот бара даночни олеснувања и либерализација на работните односи

Александра Чакаревска од МАСИТ изјави дека претставници на четирите комори ќе дадат свои предлози за овие прашања и за регулативата, со особен акцент на либерализација на законот за работни односи за вработените во ИТ секторот.

105

Фискалните давачки, регулативата за работни односи и образованието се темите за кои денеска се дебатираше на форумот „Бизнис клима за информациско-комуникациска технолошка индустрија – како да се стимулира растот на работната сила во ИКТ?“, што се одржа во рамки на Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

Александра Чакаревска од МАСИТ изјави дека претставници на четирите комори ќе дадат свои предлози за овие прашања и за регулативата, со особен акцент на либерализација на законот за работни односи за вработените во ИТ секторот.

– Зборуваме за законот за работни односи чија либерализација е во тек и исто така за даночната регулатива, како и за сите подобрувања што можеме да ги предложиме на надлежните институции, да ја доближиме соработката на коморите и воопшто приватниот сектор со сите надлежни институции за подобрување на ефикасноста на регулативата во државата и нејзина поефикасна примена – изјави Чакаревска.

Факторот иднина за ИКТ секторот зависи од многу сегменти, но како што потенцира таа, треба да научиме како да ги искористиме сите добри практики од другите земји.

– Платата треба да биде добра, и таа во ИКТ секторот во Македонија е добра, но другите фактори, како даночните олеснувања треба да ги земеме во предвид, образованието, менувањето на курикулумите на факултетите, начинот на запишувањето на студентите и преквалификацијата. ИКТ секторот нуди многу можности. Овде се поставува прашањето за странски инвестиции, но и за помош на наши македонски фирми да се развиваат и да имаме поголема слобода за нивно основање. Треба да обезбедиме ефикасна регултива и слобода на движење на капиталот, да направиме полиберализирани закони кои во практика ќе може да се спроведуваат – вели Чакаревска.

Гости на форумот се претставници од Србија и Хрватска кои ќе споделат искуства за развојот на ИКТ секторот и ќе помогнат да се подобрат позициите на македонските ИКТ-комори во однос на барањата и соработката со надлежните министерства за подобрување и унапредување на регулативата.

Немања Жуниќ, адвокат од Србија, кој се занимава со правото во ИКТ секторот, вели дека и кај нив има заминување на кадри.

– Во Србија недостасуваат ИТ кадри, но и во помошните дејности кои помагаат на ИТ секторот. На пример во нашата канцеларија имаме проблем да најдеме адекватни правници кои имаат технички способности и т.н. дигитално гледање на индустријата, што е посебна вештина – вели Жуниќ.

Проблемот, вели тој, е растот на оваа глобална индустријата.

– Тоа е глобална индустрија за која можете да работите од секаде. Отворање кон други држави од Истокот, и онака како што работат западните земји со преземање на кадри, така и ние треба да размислуваме доколку сакаме да бидеме конкуретни – смета Жуниќ.

За заминувањето на кадрите од ИТ индустријата од Хрватска, Дејан Гостимир од Факултетот за економија и менаџмент во Загреб, вели дека тие доста вложуваат во едукацијата на вработените и на тоа гледаат како на инвестиција.

– На тој начин ги задржуваме младите луѓе и вработените во ИТ секторот. Просечна плата во ИТ секторот е околу 1.500 до 2.000 евра – вели Гостимир.

Форумот овозможи голем број на претставници на приватниот сектор да ги дадат своите забелешки, да ги објаснат своите предизвици, како и да дадат придонес за подобри решенија кои ќе бидат застапувани преку јавно-приватниот дијалог. Се разговараше и за можностите за инвестиции во ИКТ образованието што ќе одговара на потребите на приватниот сектор за квалитетна работна сила, зголемување на бројот на студенти на техничките факултети, вложувања во едукативен кадар и поддршка на капацитетите за неформално образование кои придонесуваат во создавање на ИКТ професионалци.

Учесниците оценија дека е потребен системски пристап со промена на повеќе закони од областа на работните односи и даноците, со цел да се овозможи континуиран раст на ИКТ секторот како еден од најважните во домашната економија кој придонесува со отворање на нови работни места, високи примања и извоз на услуги и производи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...