Компанијата „Зегин“ уште еднаш ја покажа својата хуманост на дело потврдувајќи го статусот на општествено најодговорна компанија на овие простори. Имено „Зегин“ ќе донира средства со кои ќе се покријат дел од трошоците за реализација на воннаставни активности на децата од основното училиште „Методи Митески-Брицо” од Лозово.
Мината недела на лозовите насади на винаријата „Лозар“ беше организирана работна акција во која учество земаа учениците од шесто до деветто одделение од подрачното основно училиште. Покрај тоа што се запознаа со лозовите насади, начинот на одгледување и различните сорти грозје, децата имаа можност да учествуваат и во бербата на истото, а сѐ со цел поттикнување и развивање на свеста кај истите за формирање на работни навики и стекнување на применливи вештини кои би им биле потребни понатаму во животот.
Токму поради нивната ангажираност ќе бидат наградени од компанијата „Зегин“, а средствата од донацијата ќе бидат искористени за покривање на дел трошоците за училишна екскурзија, со што директно ќе им се помогне и на родителите на децата во насока на намалување на трошоците за таа цел.
За време на работната акција „Зегин“ обезбеди храна и пијалок за сите ученици и наставници кои учествуваа во бербата на грозјето.
Инаку, целиот проект е дел од акциониот план за соработка помеѓу ООУ „Методи Митевски Брицо“ со деловната заедница (бизнис сектор) што функционира во рамките на Општина Лозово, а има за цел да обезбеди дополнителни извори на средства за реализација на воннаставни активности како што се ученичките екскурзиии и сл.