„Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин вечерва во Велес

339

Фестивалот Млад отворен театар денеска на програмата ќе има две претстави – во Скопје и во Велес, а ќе организира и предавање со дискусија на Мајк ван Гран од Јужна Африка.

Велешкиот театар на матичната сцена вечерва од 20 часот ќе ја изведе претставата „Злосторството на 21 век“ од британскиот автор Едвард Бонд во режија на Владимир Милчин, која е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Бонд. Текстот е напишан во 1999 година, а дејството е сместено во втората половина на 21 век.

„Тоа е дистопична визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор/контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови, се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање“, соопшти Велешкиот театар за претставата која премиерно ја изведе во мај годинава.

На скопската сцена, пак, од 20 часот во Младинскиот културен центар, ќе биде изведена португалската претстава „Привремени фигури“ на ансамблот „Арена“, во режија на Марко Мартинс.

Насловот „Привремени фигури“ е употребен во статистички истражувања за да се класифицираат сите мигранти, чија положба и статус се недефинирани или привремени, а кои во тој момент работат во Велика Британија.

„Мартинс ни носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и прилагодување“, наведува МОТ во најавата.

Во придружната програма на МОТ од 18 часот во Кино Култура ќе има предавање на Мајк ван Гран од Јужна Африка, на тема „Театарот и постапартхејдот/постколонијална состојба: улогата на театарот во социјалната трансформација – искуство од Јужна Африка“.

Центарот „Локомотива“ го организира предавањето кое ќе има и дискусија за условите и развојот на македонската современа театарска сцена и неговото влијание во социјална трансформација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...