Фестивалската публика денеска имаше уникатна можност да проследи мастер-клас со водечкиот светски кинематографер Едвард Лакман, лауреатот на годинашното јубилејно издание на „Браќа Манаки“, модериран од неговиот колега и стар пријател на фестивалот, Најџел Волтерс од кинематограферската асоцијација ИМАГО, соопшти тимот на ИФФК „Браќа Манаки“.
Предавањето на Лакман не го пропуштил ниту Фатих Акин, а денешната мастер клас бил вистински разговор на кој присуствувале и режисерот Џим Шеридан и британскиот кинематографер Џон Метисон, два пати номиниран за Оскар за филмовите „Гладијатор“ и „Фантомот од операта“. Лакман изразил посебна почит кон кинематограферските величини во публиката-фестивалски гости како Пол Рене Ростад и Рајнер Клаусман.
Благоја Куновски-Доре, селектор на натпреварувачката програма на „Браќа Манаки“, го најавил мастер-класот како врвен настан на фестивалската програма, а Волтерс истакнал дека нема потреба од посебно претствавување на Лакман и неговите филмски дела. Напомена дека пред 43 години на еден филмски сет, каде што кинематографер бил Свен Никвист, го запознал младиот Лакман како асистент на камера. Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката-фестивалски гости како Џон Метисон, Пол Рене Ростад, Рајнер Клаусман…
Публиката што ја исполни Малата сала на Центарот за културата до последното место на почетокот од мастер-класот имаше прилика да види репрезентативен видеоклип со сцени од десетина филмови потпишани од Лакман како кинематографер, се наведува во соопштението.
– Пристапот на камерата во документарците е поинаков од играните, но има случаи, како во филмовите „Експорт-импорт“ и „Рај: љубов“ на Урлих Зајдл, чиј што кинематографер бев јас, каде што тешко можете да повлечете линија меѓу фикцијата и документарното – посочи Лакман.
Неговиот став за важноста на камерата која преку сликите ја раскажува сторијата на филмот го илустрирал и со камерата на Крис Менџис во филмот „Боксер“ на Џим Шеридан, кој исто така е присутен на фестивалот како претставник на Европската филмска академија.
На прашањето на модераторот Волтерс за неговите почетни искуства со европскиот филм, Лакман посочи дека најпрвин бил заинтригиран од филмовите на италијанскиот неореализам.
– Во нив видов како се градат карактерите во филмот. Денес тоа во Холивуд го немате, таму сега се снимаат видео-игри, а не филмови – смета Лакман.
Од тимот на „Браќа Манаки“ велат дека Лакман важи за голем заговорник за снимање на филмска лента. Европските филмови во тој период ги снимал вообичаено на 35 мм лента, но можеби малку неочекувано „Керол“ на Тод Хајнс, филм од 2015 година, го снимале на 16 мм лента, заради посакуваната атмосфера во филмот.