Деновиве во една трговска фирма во Скопје меѓу вработените можат да се забележат и Филипинки. Појавата не би била невообичаена, ако се знае дека во земјава официјално нема увоз на работници од странство за пополнување на работни позиции за кои нема домашни работници. Странците во земјава, главно се работници во фирми со странски капитал и се дел од тимот донесен од инвеститорите или фирми кои се изведувачи на работи.
Во фирмата за која дознавме дека вработила две Филипинки се повикаа на Законот за лични податоци и не сакаа да дадат детали за новите работнички.
Од приватните агенции кои организираат работа на наши сограѓани во странство појаснуваат дека ваквите случаи на вработување на странци во домашни фирми се инцидентни, бидејќи нема официјален увоз на странски работници како во некои држави од соседството за да се говори за некаков бран на вработување странци.
Зоран Кочовски од специјализираната компанија за работа со млади и за млади „Коузон“ која посредува при вработување и на бродови, вели дека и покрај недостигот на работна рака, во земјава нема голем прилив на странски работници.
– Странците најчесто работат во странските инвестиции или на градежни објекти каде изведувач е странска компанија. Најмногу ги има од Турција, Кина и од земјите од соседството. Во однос, пак, на Филипинките кои можете да ги видите како работат во некои домашни фирми, можам да кажам дека тоа се, најверојатно, веќе жителки на нашава земја оти се жени на момчињата кои во изминатиот период одеа да работат на брод. Дел од нив се оженија со Филипинки и ги донесоа во земјава и сега тие сакаат да работат и така дошле до вработување – вели Кочовски.
„Коузон“, додава тој, располага со информација дека на ваков начин се доселени 170 државјани од Филипините.
– Оваа бројка ја имаме преку Македонско-филипинското друштво што го формиравме со цел да се развие пријателството меѓу двете земји. Од овие 170 граѓани од Филипини за кои имаме податок 169 се жени и едно машко. Немам информација дали некој од нив барал работа – вели Кочовски.
За Филипинките се зборува дека се одлична работна сила, зашто се истакнуваат со работна дисциплина и со висока професионалност.
Од агенцијата за приверемени вработувања „Партенр“, пак, велат дека во земјава нема приватни агенции кои вработуваат странци.
– Процедурите за вработување на странци се компликувани, па агенциите најчесто одбегнуваат да преземат обврска за вработување на оваа категорија невработени. Колку што имам информација голем број од странските државјани овде работат на црно, но има и кои се со регулиран престој и работа. Според законот за вработување на странци евиденција за вработување на овие луѓе води Агенцијата за вработување која исто така издава и дозволи за работа по критериуми утврдени со законот – вели Раде Ненадиќ од агенцијата „Партнер“.
Од Агенцијата за вработување, пак, појаснија дека надлежноста за оваа проблематика според последните измени на Законот за странци ја има Министерството за внатрешни работи.
– Добивањето привремен престој, дозвола за работа и вработувањето се одвива преку едношалтерскиот систем кој во случајот на странците се води во Министерството за внатрешни работи каде што странците прво контактираат со институциите во земјава бидејќи бараат привремен престој – појаснија од Агенцијата за вработување.
Колку странци побарале престој и дозвола за работа во последната година прашавме во МВР. Оттаму ни ветија одговори, но како што појаснија, случаите се броеле рачно и им требало подолг период за да ги презентираат бројките. Во моментот кога ќе ги добиеме одговорите ќе ја информираме и јавноста колку странци всушност се вработиле годинава во земјава.
Според законот за вработување на странци, тие можат да се вработат или самовработат во земјава, но задолжително треба да поседуваат дозвола за привремен престој заради работа издадена од Министерството за внатрешни работи или дозвола за работа издадена од Агенцијата за вработување и регулиран престој по друг основ.
Во постапката за стекнување дозвола за привремен престој заради работа согласно со закон, Агенцијата за вработување издава мислење врз основ на искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд .
Во определени случаи странци можат да даваат услуги врз основа на потврда за регистрација на работа и исполнети други услови.