Германското радио Дојче Веле денеска оцени дека изборот на поранешниот унгарски министер за правда Ласло Трошањи за нов еврокомесар за проширување е дипломатски триумф на унгарскиот премиер Виктор Орбан, бидејќи Трошањи важи за „ неограничено лојален човек на Орбан“.
Последниот унгарски еврокомесар Тибор Наврачич внимателно се дистанцираше од либерализмот на Орбан нагласувајќи дека, пред се, тој има обврски кон институциите на ЕУ, заради што, нагласува германскиот сервис, Орбан овој пат одеше на сигурно и го номинираше Трошањи.
Унгарија, како што се наведува, воедно добила и една од многу важните функции – за проширување и соседска политика во ЕУ, што за Орбан е „еден од најголемите дипломатски успеси во изминатите неколку години и триумф над ЕУ“, бидејќи Унгарија се соочува со постапка по членот 7 за почитување на принципот на правна држава во ЕУ.
Иако Трошањи не спаѓа во јастребите на системот на Орбан и секогаш е трезвен во аргументацијата, нема место за сомневање за неговите позиици, пишува Дојче Веле и додава дека во заднината на сето ова се раѓа прашањето колку Трошањи ќе му биде лојален на Брисел.
Унгарската Влада , како што наведува DW, од новото бриселско водство очекува да го запре доселувањето и да ја брани Европа сочинета од држави и од христијанска култура. Сепак, се оценува, дека за Орбан оваа функција ќе има дополнително значење бидејќи Унгарија одамна се залага за интеграција на државите од Западен Балкан , пред сите Србија и Црна Гора.