Олег Смоленков, за кого медиумите објавија дека е американски шпион, работеше во администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин, но добил отказ со внатрешна наредба.
– Вистина е. Смоленков работеше во администрацијата на претседателот, но пред неколку години е отпуштен со внатрешна наредба, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Тој додаде дека нема други информации за Смоленков.
Според Песков, Смоленков не присуствувал на средбите со рускиот претседател.
– Неговата позиција не вклучуваше контакти со претседателот, истакна Песков.
Портпаролот на Кремљ, одговарајќи на новинарско прашање дали Смоленков бил шпион на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), наведе дека не може да потврди, бидејќи нема таква информација.
Песков истакна дека Кремљ не го бара Смоленков, за кого медиумите тврдат дека исчезнал во Црна Гора за време на семејниот одмор, како и оти нема информации за тоа каде се наоѓа.
Претходно шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров демантираше дека американскиот претседател Доналд Трамп му дал класифицирани државни информации.
Според медиумите САД во 2017 година од Русија извлекле шпион од највисок ранг поради загриженоста дека можел да биде загрозен по средбата во Белата куќа меѓу Лавров и Трамп.
– За време на оваа средба никој не дал никому ни државни, па дури ни недржавни тајни, истакна Лавров, додавајќи дека никогаш не го запознал наводниот американски шпион.