Дали Македонците во германската медиумска јавност може да се „изгубат во преводот“ и во граматиката, во која веќе се родија „Северномакедонци“, пишува Кица Колбе во најновата колумна за Дојче веле.

Ја пренесуваме во целост нејзината колумна:

Очигледно и најпрецизната граматика може да предизвика нејасности. Тоа се случи при „доместицирањето“ на името Северна Македонија во строгата германска граматика. Од желбата за правописна прецизност, но и од непознавање на деталите на Преспанскиот договор во однос на името на македонскиот народ, на крајот, во германското правописно поле никна нова билка-именка, наречена „Nordmazedonier” (Северномакедонци). Таа именка, пак, ја нема во Преспанскиот договор. Како тогаш таа се роди во германските медиуми?

Богатиот германски јазик има една поучна поговорка: „Ѓаволот се крие во деталите“. Дали еден правопис одговара на суштината на стварта што ја именува, зависи од тоа какви последици ќе има во стварноста. Уште пред една година, минатиот јули, кусо по потпишувањето на Преспанскиот договор, се прашував како името Северна Македонија ќе се транскрибира на германски. Како „Nord-Mazedonien“, со цртичка помеѓу придавката и именката? Или слеано, „Nordmazedonien“, како нова „композитна именка“? Композитните именки, образувани со поврзувањето на два збора, се белег на германскиот. Само што од нив потоа би можело да се образуваат и нови именки и придавки. Како именката „Nordmazedonier“ и придавката „nordmazedonisch“.

Сѐ до почетокот на годинава, во германскиот печат името Северна Македонија се пишуваше со цртичка: Nord-Mazedonien. „Spiegel“ објави на 12 јуни дека Македонија ќе се вика Nord-Mazedonien. Телевизијата ZDF извести на 13 јуни: „ЕУ и НАТО ‘радосни’: Македонија ќе стане Nord-Mazedonien“. А и телевизијата ARD, на 25 јануари 2019 објави во главниот дневник: „Nord-Mazedonien може да стане НАТО-партнер.“ И дневниот весник ФАЦ пишуваше долго „Nord-Mazedonien“. Како и Дојчландфунк, кој на 29 јануари 2018 го емитуваше прилогот „Македонците одлучуваат за идентитетот на нивната земја“. Авторите Родотеа Сералиду и Срџан Говедарица пишуваат, исто така, „Republik Nord-Mazedonien“. Тие го предаваат и мислењето на грчкиот експрет за Југоисточна Европа, Константинос Филис, дека било негативно за Грција што граѓаните на Република Северна Македонија „и понатаму ќе смеат да се нарекуваат едноставно Македонци, а нивниот јазик ‘македонски’ – без каква било додавка, што не можело да исклучи аспирации кон истоимениот грчки регион.“ Од друга страна, германскиот експерт за Балканот, Торстен Громес, од франкфуртскиот Лајбниц-институт за мировни студии во Германија, на 29 јануари 2019 јасно укажува дека „географското прецизирање „Republik Nord-Mazedonien“ ги следи повеќе желбите на Скопје“. Тој ја објаснува разликата, зацртана во Преспанскиот договор, во разбирањето на „Македонија“ и „македонски“ за Македонците и за Грците. Громес укажува дека „многу Грци го критикуваат Договорот затоа што го признава постоењето на македонскиот јазик надвор од границите на Грција“. Најдолго името Северна Македонија со цртичка го пишуваше Дојче Веле.

Опасност од „губење во преводот”

Од каде, тогаш, во пролетта 2019-та во германските медиуми „никнаа“ „Северномакедонците“? Работите со правописот почнаа додуша да се менуваат уште во јануари. Ева Елерајт од Фондацијата „Фридрих Еберт” во Скопје, на 15 февруари, во извештај за Минхенската конференција за безбедност, името уште го пишува со цртичка. Еден месец порано, во јануари, шефот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Грција, Хенри Боне, името го пишува слеано: „Nordмazedonien“. Дури тој во фуснота укажува дека „според информацијата од германското МНР, по стапувањето во сила на Преспанскиот договор, исправниот германски превод бил „Republik Nordmazedonien“ или „Nordmazedonien” (скратено) – но не „Nord-Мazedonien“. Навистина, на веб-страницата на германското МНР стои: Nordmazedonien.

Телевизијата АРД (студиото во Виена) на 2 април 2019 посвети посебен прилог за правописот: „Nordmazedonien или Nord-Мazedonien. Како се пишува на германски?“ Веднаш се истакнува дека спорот за името бил додуша „надминат политички, но не и емоционално“. Тоа го докажувала дебатата за правописот на новото име Северна Македонија во германското говорно подрачје. Се укажува дека „македонското МНР испрати барања до германските медиуми за тоа како ‘правилно’ да се пишува новото име на земјата. Имено: Republik Nord-Mazedonien“. Дека пак „од преименувањето на земјата, германското МНР ја применува правописната форма Republik Nordмazedonien или само Nordмazedonien. Тоа е официјалната правописна форма и во германско-јазичната Швајцарија и во Австрија“, се вели во прилогот. Како „крунски сведок“ за исправноста на ваквиот превод се пренесува мислењето на германистот Петар Рау, професор на универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Тој тврдел „дека цртичка ќе имало кога ќе биле поврзани два региона“. Тоа го објаснил на примерот на германската покраина Nordrhein-Westfalen (Севернарајна-Вестфалија). „Тоа се два региона. Да имаше само Nordwestfalen, не ќе смееше да се пишува со цртичка. Тогаш тоа би било еден збор. Nordмazedonien. Тоа е една географска единица, не две. Затоа стандардногермански Nordмazedonien во еден збор“, објаснува Рау.

„Преименувањето на земјата предизвикува кај неалбанските граѓани на малечката балканска земја и понатаму очај и гнев“, заклучува редакцијата на АРД-Виена. Како соработници за извештајот се наведуваат дописниците на АРД од Македонија, Шабан Бајрами и Сашко Голов. Во исто време телевизијата АРД-Виена емитува прилог под наслов „Поглед врз Македонија“ на дописниците од Македонија: Шабан Бајрами, Сашко Голов и Љубиша Николовски: Шабан Бајрами зборува за навиките на „Северномакедонците” (Nordmazedonier).

Во април во многу весници се објави веста: „Северномакедонците (die Nordmazedonier) го избираат новиот претседател на државата.“ По кусо време почна да се прави и придавка од името „Nordmazedonien“ – „nordmazedonisch“. „Што значи за Вас да бидете Северномакедонка“, ме праша пред еден месец новинар на голем германски весник. А на онлајн-соопштението за литературен фестивал во Германија, една позната македонска писателка деновиве е најавена како „северномакедонска авторка“.

Да, навистина, Nordmazedonien не е Nordrhein-Westfalen. Но не во смислата за која говори Петар Рау. Туку повеќе затоа што од името Nordrhein-Westfalen не може да се изведе и именка за луѓето во неа. Затоа што името не е напишано слеано, како композитна именка. Како што, на пример, се пишува покраината Niedersachsen (Долна Саксонија). А од тоа може да се образува и име за жителите – die Niedersachsen (Долносаксонци). Опасноста за Македонците да се „изгубат во преводот“ на германски не е мала. Затоа тоа мора на погоден начин да им се објасни и на германските лингвисти. Половина година името на германски се пишуваше со цртичка. Потоа очигледно настапија граматичките толкувања. И создадоа „збрка“. Меѓутоа, германската граматика многу прецизно и сеопфатно ја дефинира примената на цртичката. Притоа се истакнува дека цртичката може да се употреби и во композитни именки „за да се избегнат недоразбирања, односно, за да се подобри читливоста“. Nordmazedonien, како композитна именка, создава недоразбирање. Затоа што од неа може да се образува и нова именка за народот: Nordmazedonier. А тоа противречи на Преспанскиот договор. Името на државата не е обична именка. Тоа е споредливо со лично име. Една препорака (§51) во германската граматика, дозволува во композитна именка личното име да се одвои со цртичка. За да се истакне, како, на пример, во името на еден театар – Schiller-Theater. Зошто не и во името на Северна Макдонија на германски? Има повеќе препораки кои дозволуваат да се отстапи од правилото.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.