За создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис, во наредниот период ќе се интензивираат средбите со власта, најавуваат Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори.
Претседателот на Комората, Бранко Азески и претседателот на Советот, Штефан Петер на средба договориле до крајот на месецов, Советот на странски инвеститори да ги презентира трите најважни приоритети од „Белата книга“ за кои ќе побара конкретни резултати од носителите на државната власт во најбрз можен рок.
-За поефикасно претставување и застапување на странските инвеститори во земјава, организирани во Советот на странски инвеститори, во тек се активности за сериозна правна и фактичка реорганизација на Советот и подигнување на нивото на персоналните и логистичките и капацитети за работа преку промени во правната рамка и начинот на дејствување. Сето тоа се прави во интерес на бизнисот и на реалните состојби во економијата кои покажуваат дека странските инвеститори ќе бидат главен двигател на растот на македонската економија во наредниот период – информира Стопанската комора.
Стопанската комора во наредниот период ќе им дава поддршка на менаџерскиот пристап и размислување, етичкото работење, ефективноста, професионалното усовршување, дигитализацијата, родовата еднаквост и социјалната инклузија на ранливите категории на населението во работните процеси, како и на трансферот на технологија и знаење. Воедно ќе ги промовира како значајни придобивки кои би ја подобриле конкурентноста на целокупната економија.
„Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори ќе го потенцираат економскиот императив за создавање родово инклузивен и одржлив развој и ќе дадат силна поддршка на иницијативите и најдобрите практики кои ја забрзуваат вклученоста на жените во работната сила и економијата како високо потенцијален извор на талент што ќе доведе до економски раст. За таа цел, во соработка со Советот на странски инвеститори ќе се формира фонд за поддршка на активностите за родова еднаквост и родово инклузивен и одржлив развој“, стои во соопштението.
Како почеток на наведените активности, Стопанската комора ја најавува конференцијата „Жените во индустријата“ што ќе се одржи на 9 и 10 октомври 2019 година во хотел „Хилтон“ – Скопје