Рекорден одзив од 87 авторски ракописи пристигнале за наградата „Антево перо“, посветен на нашиот поетски великан Анте Поповски. Комисијата предводена од претседателот Венко Андоновски и членовите Атина Цветаноска и Жорж Поповски констатирале дека во голем број од пристигнатите збирки е присутно вистинско шаренило од теми, умешно и успешно обработени, што севкупно ги чини поетски дела со респектабилни естетски вредности.
Комисијата во поширокиот избор за доделување на наградата „Антево перо“, ги издвои „Капе времето“ на Виолета Танчева Златева, „Јазикот на светлината“ на Сузана В. Спасовска, „Градот“ на Иван Џепаровски, „Дупка“ на Александра Димитрова, „Граници“ на Михајло Свидерски, „Ѕидање на времето“ на Искра Пенева, „Музеј на чувствата“ на Јосип Коцев и „Кожена душа“ на Емануела Ковачевска.
Жири комисијата не го крие своето задоволство што и покрај постоењето на голем број поетски фестивали и награди во земјава, годинава името на Анте Поповски беше дополнителен мотив рекорден број автори да конкурираат за поетското признание „Антево перо“. Со чувство на особена радост, Комисијата ги споделува и податоците за извонредниот одзив на млади автори, како и за учеството на Конкурсот на автори кои творат на македонски јазик од Австралија, Шведска и Србија.