Додека Владата се обидува да им помогне на газдите да ги зголемат платите на работниците, тие и натаму се обидуваат да ги изигруваат законите кога е во прашање исплатата на плати. Во дел од градежништвото, текстилот, угостителството, трговијата секојдневие е платата да се добива во делови на трансакциска сметка и во плико за да се одбегне плаќањето придонеси. Газдите кои имаат по две фирми од иста или слична дејност го делат износот на договорената плата на трансакцикса сметка за која плаќаат и придонеси на два дела и го плаќаат од двете сметки на компаниите. Дел од платата овие газди најчесто исплаќаат во кеш.
Оваа појава ја регистрираат и синдикатите, но велат дека не можат да реагираат кај газдите оти најголемиот дел од компаниите во кои не се почитуваат правата на работниците од работен однос нема синдикални организации. Препорачуваат работниците добро да ги читаат Договорите за работа и да реагираат навреме.
– Работам кај газда кој има две фирми. Едната е од градежниот сектор. Платата од 18.000 денари ми ја исплаќа од сметките од двете фирми по 6.000 денари и 6.000 денари ми исплаќа на рака. Платата ми е три пати по 100 евра. Моментално платата е редовна и не ме интересира многу како ми ја исплаќа. Знам дека она што ми го дава во плик не подлежи на данок, но не знам дали она што оди на трансакциска сметка е платено за половина или цело работно време. Потпишав договор но колку се почитува не знам – вели градежник.
Работничка, пак, во текстилна фирма, која се плаши дека ќе ја изгуби работата вели дека има дел од платата во плико, но и дека не знае што е со остатокот бидејќи нема договор за работа.
– Кога ме примија на работа ми кажаа дека дел од платата ќе ја земам на рака. Немам договор ниту за другиот дел и не знам колку плаќаат придонеси. Работам и празници и делници, а прекувремено и празнично не ни се плаќа. Морам да работам бидејќи мојот сопруг остана без работа иако знам дека сето ова не е правилно. Знам дека можам да се пожалам во инспекторатот за труд, но ако дојдат инспекторите сигурно добивам отказ уште истиот ден кога ќе дознаат дека сум реагирала за платата – вели таа.
Синдикатите ги имаат ваквите податоци на работниците, но ретко можат да им помогнат бидејќи во дел од фирмите нема синдикални организации.
– Најчесто се случува овие работници кога ќе треба да одат во пензија да откријат дека не им се плаќани придонеси или се плаќале придонеси за една третина од износот на платата што ја добивале. Ги охрабруваме работниците кои земаат на ваков начин плата да ги пријават газдите во инспекторатот за труд. Многу е важно и добро да ги прочитаат договорите за работа и да проверат во ПИОМ дали воопшто им се плаќани придонеси за да не се изненадат пред пензија – вели потпретседателот на Синдикатот на градежниците Иван Пешевски.
Тој смета дека градежните компании најмногу посегаат по плаќање дел од платата во кеш, но вели дека оваа појава е распространета во сите дејности, а износот на делот во кеш најчесто е половина од платата.
– Многу е важно работниците, посебно младите да бидат информирани за своите права и да знаат каде да се жалат и да бараат нивно почитување – вели тој.
Газди на фирмите кои работат според законите реагираат дека нивните колеги им се нелојална конкуренција и им земаат дел од работниците оти даваат повисоки плати за кои не плаќаат придонеси.
Дека дел од фирмите исплаќаат дел од платата во плико покажа и истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики, „FinanceThink“ направено пред една година. Според него, дури 17,8 отсто од работниците во земјава, кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плико, односно плата на рака. Платата во плико е најзастапена кај работниците во градежништвото со 28 отсто, а најпогодени се работниците кои земаат минимална плата, односно 62 отсто од вработените кои се осигурени на минимална плата, добиле плата во плико. Притоа, во просек, платата во плико изнесува скоро исто колку и формалната плата на сметка.
Новата мерка на Владата со која се субвенционира зголемувањето на платата, како што е најавено треба да ја намали појавата на давање плата во плико.
Пресметките на „FinanceThink“ се дека мерката ќе ја намали исплатата на плата во плик од 17,8 отсто на 5,8 отсто.