Отворен ИНОФЕИТ – спој на академското образование и индустријата

360

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска го отвори Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ чија цел е да ги спои образованието  и индустријата и да биде интеракција меѓу кадарот на ФЕИТ, неговите студенти и индустриските партнери.

Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски истакна дека идејата им е  компаниите, професорите и студентите во Центарот да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик.

– На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата сакаме да влијаеме и на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин, студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот – рече Ташковски.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска рече кога минатото лето, набргу по преземањето на министерската функција присуствувала на доделување дипломи на студенти кои дипломирале и магистрирале на ФЕИТ, била поразена од фактот што дел од нив и не биле во Македонија, туку дипломите ги земал некој од нивното семејство.

– Тогаш пред тие студенти  ветив дека ќе направам се што е во моја моќ да придонесам во остварување на стратешката цел на Владата, а тоа е задржување на младите во Македонија и враќање на нашите млади научници дома. И тоа ветување и стратешка цел на новата Влада ја остваруваме – рече Десксока, додавајќи дека отворањето на ИНОФЕИТ е продолжение на таа успешна приказна.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски истакна дека Универзитетот секогаш ќе ги поддржува храбрите и иновативните.

– ИНОФЕИТ, креиран од ФЕИТ, но поддржан од стопанството и од МОН и од УКИМ, претставува практичен момент за функционална соработка меѓу теоријата и науката, од една страна, и стопанството и праксата, од друга страна. Затоа, како најстара високообразовна институција во Македонија ќе ги поддржуваме образовните програми и процеси кои се во согласност со потребите на стопанството – рече ректорот на Скопскиот универзитет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...