Младите заминуваат во развиените земји и тоа не е проблем само на нашата држава, туку и на целиот регион, а единствен начин да направите тие да останат во државата е да им обезбедите подобри услови за живот, што во прв ред, подразбира повисоки примања, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој смета дека со евентуално ограничување на износот на платите што ќе ги стимулира државата со плаќање на придонесите за зголемување до 6.000 денари нема да се постигне целта за мотивирање на младите и воопшто на висообразуваните кадри да останат во државата.
Законското решение за субвенционираниот раст на платите во приватниот сектор е поставено на ЕНЕР, уште е предмет на дискусија пред да влезе во Парламент, и како што вели Анѓушев, добредојдени се сите забелешки.
– Тој закон практично е исто така една инвестиција, може не капитална, материјална, туку во човечкиот капитал во државата. Сакаме да бидеме партнери на компаниите да им помогнеме да најдат начин како да ги задржат своите вработени да ги зголемат платите бидејќи тоа е предизвик и компаниите иако некојпат тоа го сакаат меѓутоа нивната ликвидност и маргина која што ја имаат тоа не им го дозволува. Сакаме да им помогнеме тоа поинтензивно да го направат со цел да ги задржиме во државата нашите луѓе – изјави Анѓушев.
Ограничување на поддршката за износ до 24.000 денари веројатно ќе опфати најголем дел од директните производни работници во производните капацитети, но, вели Анѓушев, не и интелектуалците кои сакаме да ги задржиме во државава, луѓето кои завршиле факултети, инженерите, лекарите во приватните клиники, бидејќи ова е, пред сѐ, за приватниот сектор.
– Од друга страна, направивме друг ограничувачки фактор, тоа зголемување е во рамки од 600 до 6.000 денари, така што мислам дека е добро да се покачат платите односно да ја искористат оваа мерка во сите сегменти, па и последнава категорија на високообразувани кадри во нашава држава. Младите заминуваат во развиените земји и тоа не е проблем само на нашата држава туку и на целиот регион, Србија, Бугарија, Хрватска и на Романија. Единствен начин да направите тие да останат во државата и да им обезбедите подобри услови за живот, подобри услови за живот подразбира многу работи, меѓутоа секако во прв ред подразбира повисоки примања – рече Анѓушев.