Иновативен производ што се додава во водата за гаснење пожари и спречува ширење на активни пожари адитив-ретардер „Fireless“, на компанијата ВТ Продакшн, корисник на ко-финансиран грант од Фондот за иновации и технолошки развој, беше презентиран денеска во контролирани услови.
Околу 15 илјади литри раствор од производот ќе бидат донирани на противпожарните служби во земјава за да се види и неговата практична примена на терен.
На демонстрацијата на производот во противпожарната служба во Скопје, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресори Кочо Анѓушев, изјави дека компанијата ВТ Продакшн е добитник на грант од државата за проект во вкупна вредност од 100 илјади евра, од кои 70 илјади евра грант од ФИТР, а околу 30 илјади евра сопствени средства за развој на проектот.
– Станува збор за иновативен адитив што се става во вода за гаснење на пожари. Таков производ нема во регионот и би бил доста корисен. Гледаме колку се актуелни пожарите во овој момент. Средството се меша со водата со која се третира пожарот во некој процент од 12 до 15 проценти. Тие ќе донираат на противпожарните служби 15 илјади литри направен раствор. Се надевам дека овој производ ќе биде комерцијализиран и ќе видиме дека оваа компанија во иднина продава – изјави Анѓушев.
Посочи дека целта на Фондот е да се поддржат малите и средните компании да ги развијат своите производи и да ги комерцијализираат.
– Ги охрабрувам сите претприемачи, мали и средни компании да аплицираат со вакви проекти, со цел да направиме што е можно поголем импакт во реалната економија. Иновативноста не претпоставува да измислите нешто епохално, туку да измислите нов производ што ќе го комерцијализирате или подобрите или намалите трошоци на технолошки процес. Сето тоа влегува во делот на иновативност и ние сакаме да го поддржиме – изјави Анѓушев.
ФИТР во првиот круг минатата година потпиша 133 договори за над 16 милиони евра. Буџетот за оваа година изнесува 10 милиони евра.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, рече дека производот може да најде примена не само во Македонија, туку и секаде во регионот, бидејќи проблемот со пожарите е присутен.
– Проектот е сѐ уште во фаза на реализација и сѐ уште ги чекаме конечните резултати, иако тоа што го видовме денеска покажува дека сме на вистински пат. Овој проект е дел од 20-тина проекти финансирани во делот на заштитата на животната средина. Некаде околу 200 милиони денари вкупно средства, каде дел се средства на Фондот, дел на самите компнаии, од кои очекуваме ваков тип на видливи резултати кои ќе ги презентираме – изјави Деспотовски.
Сопственикот на компанијата ВТ Продакшн Владимир Тасевски, рече дека производот е сѐ уште во тек на реализација со цел да се дојде до конечен производ.
– Ова е втора проба и досега сите добиени резултати се позитивни и во рамки на очекуваното. На производот работиме подолго време, но се интензивиравме откако го добивме грантот од месец март 2019 година – изјави Тасевски.
Фото: МИА