Сметководството за некоја година нема кој да го работи, оти младите не сакаат да се бават со оваа професија. Затоа е потребно поголем ангажман во таа насока, велат од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори. Од оваа комора бараат и да се подигне квалитетот на работа на сметководителите и да се засили борбата со нелојалната конкуренција.
Според податоците на Комората 53 години е просечната возраст на сметководителите, а само 24 отсто од вкупниот број регистирани што е нешто над 7.000 се на возраст до 35 години.
– Набрзо оваа професија која демографски гледано и онака е „стара“ ќе стане дефицитарна. Онака како што сега се одвиваат работите, не познавам млад човек кој би сакал да ја работи оваа работа – рече Благоја Грозданов, член на УО на Комората на Сметководители.
Претседателот на Комората Драган Митковски, смета дека професијата треба да се издигне на многу повисоко ниво за да се привлечат младите.
– Треба да се цени трудот на сметководителите кои со правилна законска имплементација, одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна пак, одговораат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина. Во таа насока, сите Закони неопходно е да се донесуваат по претходни консултации и во соработка со релевантните чинители во областа и заеднички да се делува на зголемување на интересот за сметководствената професија која се повеќе старее, а е од исклучителна важност за стопанството и за државата – вели Митковски.
Од Комората велат дека државата губи и до 100 милиони евра поради нелојалната конкуренција во оваа дејност оти државата не воси сметка од каде ги прима извештаите кои често се подготвуваат од страна на нелиценцирани сметководители.
Тие бараат да се расчисти со сивата економија, со тоа што само лиценцираните сметководители кои се запишани во соодветните регистри ќе имаат право да ги доставуваат извештаите до надлежните институции.
– Комората на Сметководители континуирано работи на подобрување на квалитетот при вршењето на сметководствените работи со цел регулирање на професијата и заштита не само на компаниите кои се занимаваат со оваа дејност, туку и на сите останати компании – корисници на услугите- рекоа денеска на прес конференција од Комората.