Ердоган: Сирискиот режим прими порака за злосторствата

345

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ги поздрави ракетните напади на САД, Франција и Британија врз Сирија.

– Сирискиот режим прими порака дека неговите злосторства нема да останат неодговорени. Недолжниот сириски народ одамна требаше да биде заштитен – изјави Ердоган при партиски состанок во Истанбул.

Ердоган веќе телефонски зборуваше со британската премиерка Тереза Меј, а најави разговор и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Русија го критикуваше ставот на Турција во врска со Сирија. Константин Косачев од Комисијата за надворешни работи на рускиот Федерален Совет изјави дека позицијата на Ердоган е грешка и е водена од турските претензии кон Сирија.

Во меѓувреме, од балканските држави и Хрватска и Албанија изразија поддршка за ракетниот напад врз Сирија. Хрватското Министерство за надворешни работи побара да се заштити сириското цивилно население и да му се обезбеди пристап до храна, како и да се формира независен механизам за утврдување на одговорноста за хемиските напади.

Албанскиот претседател Илир Мета рече дека „Албанија е на страната на своите сојузници и ја поддржува одлуката на претседателот Трамп да ги заштити човечките животи луѓето и човековите права“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...