Потпретседателот на Европска Комисија, Франс Тимерманс изјави дека е добро што новата италијанска Влада е на целосно проевропски курс и додаде дека е подготвен на соработка со неа.
– Мислам дека е добро што новата италијанска Влада е јасно ангажирана на проевропска линија за изнаоѓање на заеднички решенија со Унијата – посочи Тимерманс.
Тој пред новинарите во Брисел наведе дека е подготвен да соработува со италијанската Влада.
Новата италијанска коалициска Влада денеска положи заклетва. Дваесет и едниот министер, чија просечна возраст е 37 години, во моментов ја одржуваат својата прва седница.
Една од првите одлуки што се очекува да се донесе е назначувањето на поранешниот премиер Паоло Џентилони од Демократската партија, за претставник на Италија во новата ЕК.
Новата Влада ја сочинуваат Движењето пет ѕвезди, членка на досегашната владејачка коалиција, и опозициската Демократска партија.
Формирањето на новата влада доаѓа по распадот на досегашната коалиција на Движењето пет ѕвезди и десничарската Лига на Матео Салвини, кој сакаше нови избори со надеж дека ќе освои мнозинство доволно за Лигата сама да формира Влада, а со оглед на големата популарност што во моментов лично ја ужива поради својата антиимигрантска и анти-ЕУ политика.
ФОТО: EPA / Lex-van-Lieshout