Со свечена академија завршуваат 20. „Денови на света Мајка Тереза“

67

Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ вечер во Домот на Армијата во Скопје организира свечена академија со која и официјално ќе заврши традиционалната дваесетта манифестација „Денови на Св. Мајка Тереза“.

Манифестацијата годинава е под знакот на 109-годишнината од раѓање на Мајка Тереза.

На академијата, која се одржува на денот на упокојувањето на Мајка Тереза, на истакнати хуманисти и здруженија ќе им бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на Св. Мајка Тереза.

Годинашни добитници се граѓанските хуманитарни здруженија „Банка за храна“ (претседател Душко Христов) и „Еурохуман Интернационал“ (претседател Сејфула Бектеши), Општина Центар (градоначалник Саша Богдановиќ), Месната заедница Ласкарци – Општина Сарај, Мики – Ли Мијалчиќ – заменик командир во ПС Центар, Сергеј Самсоненко – бизнисмен и хуманист, Свето Стаменов – новинар на Македонското радио – Радио Скопје, публицист и хуманист, Злате Поповски – македонски иселеник, добротвор и хуманист од Мелбурн, Австралија и 13-годишниот охридски пливачки маратонец Марко Пејчиновски.

Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат Мандолинскиот оркестар при МКЦ – Скопје со солистите Вултет Назири (обоа) и Јане Дунимаглоски (тенор), под диригентство на Ванчо Јовчев. Ќе настапи оперската певица Серафина Фантаузо, а музички партитури на виолина и пијано ќе изведат Ева и Марија Богоевски.

Манифестацијата „Денови на Св. Мајка Тереза“ почна на 26 август, роденденот на Мајка Тереза, со полагањето цвеќиња на спомен-плочата на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза во центарот на Скопје и пред нејзиниот споменик на улица „Македонија“. Потоа во Домот на АРМ беше отворена изложба на ликовни дела и фотографии посветени на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза и на фотографии на старо Скопје и беше промовирана збирката песни „Со почит кон Мајка Тереза“ од група автори.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...