Балкан Енерџи Груп ја демантира денешната изјава на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, дека е чудно што БЕГ бара да плаќа поскапи трошоци од утврдените.
„Одлуката на РКЕ за определување на тарифата на топлинска енергија за Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ е спротивна на Законот за енергетика. Од тие причини Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ поднесе тужба пред надлежен суд за да ја оспори истата. Треба да се нагласи дека, доколку ТЕ-ТО АД не работи и не испорачува топлинска енергија, трошоците за крајните корисници на топлинска енергија не само што нема да се намалат, туку ќе пораснат за повеќе од 7%. За 7% ќе поскапи и трошокот за набавка на природен гас на сите потрошувачи во Република Северна Македонија”, пишува во демантот.
Од компанијата велат дека не била соодветна ниту споредбата на првиот човек на Регулаторна ја кнаправи со германскиот пазар, бидејќи, според БЕГ АД, Германија има развиен пазар на природен гас и достапност до енергенсот на европските берзи, каде цените се многу пониски отколку во земјава.
„Не е вистинит делот во изјавата дека когенеративните постројки за производство на електрична енергија и топлина имаат повисока ефикасност од едногенеративните постројки за производство на топлинска енергија, односно топланите. Ефикасноста на ТЕ-ТО АД при производството на електрична и топлинска енергија не надминува 80%, а додека ефикасноста на топланите управувани од БЕГ надминува 98%”, се наведува во демантот.
Од компанијата напоменуваат дека согласно Правилникот, тие целосно ги почитуваат правилата за работа, ги привршуваат подготовките за претстојната грејна сезона и ќе продолжат да ја вршат дејноста дистрибуција на топлинска енергија сè до 2047 година, до кога важи лиценцата што ја поседуваат.