Британскиот премиер Борис Џонсон предложи денеска распишување предвремени избори на 15 октомври, во случај да претрпи нов пораз во Парламентот заради Брегзит.
За време на остра размена на реплики во Долниот дом на Парламентот, Џонсон го предизвика лидерот на опозицијата Џереми Корбин да поддржи распишување избори на 15 октомври „за да може луѓето во таа држава да го изразат својот став“.
Џонсон го нарече планот на лабуристите да спречат Брегзит без договор како „предавство“.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин нагласи денеска дека опозициските партии нема да паднат на „триковите на Борис Џонсон“ и нема да поддржат нови избори додека не бидат уверени дека заканите за Брегзит „без договор“ се отстранети.
– Џереми јасно кажа дека лабуристите сакаат избори и тоа наскоро, но дека нема да паднеме на трикови на Борис Џонсон, соопштија од неговата партија.
Џонсон возврати дека „постои само една работа што е пречка на патот, а тоа е предавство што мометно го предлагаат лидерите на опозицијата“.