Се соочивме со 383 милиони долгови на општините и на институциите, и 280 милиони евра екстра од „Скопје 2014“, рече македонскиот премиер Зоран Заев на денешниот отворен брифинг со медиумите.
Посочи дека до крајот на јуни ќе бидат исплатени долговите од проектот „Скопје 2014“ и голем дел е репрограмирано и договорено како ќе се враќаат тие долгови по сите основи, а дел од тоа е пакетот од 120 милиони евра на општините.
Според премиерот, популистичката политика од порано правела притисок врз општините да работат без разлика дали имаат пари и финансиско покритие или не. И сега ако тоа не го решиме, потенцира, ќе има сериозни импликации врз испорачување на услугите на локално ниво кон граѓаните и мора да го решиме.
– За дел од аспектите не постоеше проектна документација. Проектот за автопатот Миладиновци – Штип немаше решено експропријација, не беа поместени далноводите, а треба да продолжите во реализацијата и апсолутно да потпишете анекс заради временскиот рок кој веќе беше пробиен и беше до крајот на април или почетокот на мај, а Владата беше избрана на 30 мај, беше пробиен рокот. И тогаш тргнувате да ги решите сите претходни прашања, да го испреговарате анексот со самите датуми и Парламентот го донесе – истакна Заев.
И во проектот Кичево – Охрид имало многу пропусти кои требало да се исправат со нов анекс и продолчжување на роковите.
На ангажманот на кинеските фирми, појасни, се плаќало една сума, а тие на подизведувачите – македонските фирми плаќаат сума поевтина за 57 отсто. Тоа значи, како што рече, не за 5,7 отсто, не за 3,5 отсто, туку 57 отсто заработка.
– И сега ви е се јасно провизиите од каде дошле. И ние не можеме за 57 отсто сега да преговараме со Кинезите. Тука тој преговарачки процес мора да биде нов на аргументи, експертизи да го дефинираме за да продолжи и во тој дел решавањето на овој патен правец кој патем се гради. Во делот на проектната документација ни беше тоа останато. Зошто брзаме, знаат сите. Зошто експропријација се решава пред да поведете во работа изведувачи, отстранувањето на далноводите се решава уште пред да го доведете во работа изведувачот. Сето ова не било завршено претходно – рече Заев.
Укажа дека се обидуваат да не ги плаќаат пеналите за да не чини дополнително, но проектите мора да продолжат. Од тој аспект, посочи, тргнавме да ги допроектираме работите и зимата нормално не се гради, за да можеме пролетта да влеземе во офанзива.
– Имаме обезбедено 270 милиони евра за 800 километри патишта и тоа почна да тече и тука е најголемиот дел од капиталните трошоци. Најголем дел од капиталните трошоци е железницата во Македонија. Беше застаната првата фаза на пругата до бугарската граница, Куманово – бугарска граница и сега тоа го откочивме. Имаше слабости во изведувачите и продолжи. Притоа направивме проектна документација и за втората фаза и обезбедивме грант од 70 милиони евра – рече Заев.
Тој појасни дека ја подготвиле и третата фаза, аплицирале во Програмата за поддршка од ИПАРД 2014-2022 и имаат нови 60 милиони евра и бараат начин како да најдат финансирање на крупната секвенца од Коридорот 8 во Железницата, тоа е пругата Кичево – 529 милиони евра по спецификација, но таа е единствената пруга којане е изградена или не е планирана за изградба досега да го поврзе Драч со Скопје со Софија со Истанбул и Македонија ја отвора како пупка. Според него, тоа е стратешки интерес на државата и ќе најдат финансирање.
– Веќе влеговме во проектирање на мрежите во градовите за паралелно додека се развива националниот гасовод почнавме со изградба на мрежите во градовите. Тоа е екологија, тоа е отстранување на загадениот воздух во Скопје, Битола, Тетово, во сите градови каде што го има. И тој проект го тераме понатаму – додаде Заев.