Со ребалансот на Буџетот се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ.
Министерката за финансии Нина Ангеловска попладнево на прес-конференција по владината седница на која беше усвоен ребалансот, информираше дека поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции за периодот јануари – август годинава од иницијално планираните 25,9 милијарди намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Тоа се главно проекти финансирани со кредити и тие пари се пренаменети.
Вкупните приходи со ребалансот на Буџетот се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228, 3 милијарди денари. Во овие рамки на планирање расходи и приходи, дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот Буџет, односно истиот е со позициониран износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 проценти од БДП.
Ангеловска нагласи дека мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите на вработените до 6.000 денари ќе помогне на бизнисот за задржување на квалитетниот кадар и за мотивација на вработените. Ќе се применува од следниот месец, а ќе трае три години, односно до октомври 2022 година.
– Преку спроведување на вистински фискални политики за кои јас лично ќе се залагам со преземање на оваа одговорна функција Владата има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да го поддржи стопанството и бизнис секторот и сето тоа да резултира со подобар животен стандард и воопшто побар квалитет на живот на граѓаните – рече Ангеловска.
Според премиерот Зоран Заев, Буџетот и со овој ребаланс продолжува да дистрибуира повеќе пари кај граѓаните. Од први септемеври стапува во сила новото покачување од пет проценти на платите во јавната администрација, здравството, образование, градинките, културата, полицијата одбраната и на другите дејности во јавната администрација.
– Предвидени се дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка за вработувањето, особено за поддршка на младите за нивното вработување во производството, но и во севкупните подмерки за самовработување пред се младите луѓе. Четиристотини милиони денари се наменети за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување на претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра. Со оваа мерка се сузбива сивата економија и давањето плати во кеш. Со оваа мерка ќе расте приливот во Пензинскиот фонд што секако претставува услов за иден раст на пензиите – рече Заев.
Има и поголем трансфер од Буџетот во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, односно 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.
– Одличните економски резултати што ги постигнавме во првиот квартал од 2019 година ни даваат за право да очекуваме солидни резултати во вториот квартал, секако во вториот квартал за нешто послаби од првиот квартал заради претседателските избори, но секако трендот на раст да продолжи со очекување во третиот и во четвртиот квартал да имаме уште подобар и позабрзан економски раст во државата – рече Заев, посочувајќи дека економските параметри за невработеноста, градежништвото, платите… покажуваат дека работата носи раст.
Како што информираше Ангеловска, Буџетот е во одлична кондиција и има одлична наплата на приходите. Вкупните приходи во периодот јануари – август се реализирани во износ од 130,3 милијарди денари. Тоа е раст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани и 61,8 прпценти во однос на планираните за 2019 година.