Во текстот Богов: Подобро е да се оданочуваат сегментите што досега не беа опфатени, објавен од МИА е наведено: Тој сугерира дека би било подобро Владата да се концентрира на оданочување на сегментите што досега не подлежеле на оданочување. Нагласуваме дека во денешниот одговор на новинарско прашање, гувернерот Димитар Богов не правеше компарација меѓу плановите за воведување прогресивен данок и оценката дека е соодветно да се оданочат економските активности коишто не се оданоченим се наведува во реакцијата од Кабинетот на Богов.
„Одговорот на гувернерот Богов е следниов (без лекторски и редакторски интервенции):
Во поглед на фискалната политика, значи, тоа е владина политика, секоја влада со таа политика оди на избори пред гласачите, така да тоа е нивно право и нивна одговорност. Монетарната политика соодветно ќе се прилагодува на секоја фискална политика, со тоа што, како што и претходно кажав, доколку фискалната политика е конзервативна тогаш има простор и монетарната политика да биде порелаксирана и обратно. Даночната политика не би ја коментирал. Тоа е владина политика. Тоа е дел од политичка програма со која се оди на избори, така што не е во надлежност на монетарната политика.
За прогресивното оданочување, повторно ќе кажам, тоа си е владина политика, не може да и се мешаме во тоа. Но, можеме да сугерираме дека во земјите од регионот, каде што сивата економија е прилично висока и голем дел од економските активности не се оданочени, има простор да се подобрат јавните финансии преку зафаќање од оние кои сега не плаќаат данок.
Евидентно е дека во изјавеното, гувернерот не прави компарација каква што му се припишува во текстот објавен од ваша страна. Доколку е потребно, ќе ви доставиме и немонтиран видео-запис во којшто интегрално и без редакторски интервенции се евидентирани сите одговори коишто гувернерот Димитар Богов ги даде на денешната средба со новинарите во Охрид.
Ве замолуваме да извршите соодветна, видлива корекција на текстот во посочениот дел од неговата содржина и во неговиот наслов или да објавите нов текст во којшто ќе се изврши корекцијата. Истовремено, имајќи предвид дека вашиот текст е преземен од повеќе медиуми, ве замолуваме, текстот во којшто ќе биде опфатена корекцијата да го пласирате на ист начин како и текстот Богов: Подобро е да се оданочуваат сегментите што досега не беа опфатени, односно да го дистрибуирате и преку вашиот сервис којшто го користат македонските медиуми. Се надеваме дека ќе изнајдете соодветен начин за корекцијата да биде видлива и за оној дел од јавноста којшто во текот на денешниот ден го проследи текстот во врска со кој реагираме.
Не еднаш до сега сме потенцирале дека неточно пренесена информација или неточно пренесен податок, за коишто медиумите се повикуваат на изјавите и соопштенијата коишто доаѓаат од една централна банка, меѓу другото, може да резултира и со непосакувани последици врз банкарскиот сектор, ценовната стабилност и економијата воопшто и затоа, ве замолуваме за разбирање дека и во овој случај, Народната банка треба да реагира до вас, со цел точно пренесување информација до јавноста“, се наведува во реакијата.