Десет музички документарци на петтиот „Скопје синема сити“

58

Филмот „Под влијание“ за Кит Ричардс вечерва ќе го отвори петтиот Филмски фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ кој до 7 септември ќе се одржува во Кинотеката. Се работи за филмски портрет на Кит Ричардс, кого го нарекуваат „срцето и душата на ‘Ролинг стоунси’“.

По проекцијата соло-настап ќе има Влатко Стефановски. Во пресрет на фестивалот, организаторот вчера во Музејот на Град Скопје отвори и изложба „Патешествие“ со постери, плакати и промотивни материјали од концерти и албуми на нашиот најпознат гитарист.

Во петте фестивалски денови на годинашниот „Скопје синема сити“ ќе бидат прикажани десет филма со теми поврзани со гитарата и за автори кои го посветиле животот на овој инструмент. Вечерите на фестивалот се поделени на жанрови. Блуз вечерта ќе биде посветена на Роберт Џонсон и Ерик Клептон, а меѓу двата филма настап ќе има блуз дуото „In the Mood“.

Во соработка со „Гете институтот“ ќе биде прикажан филмот „Романтични војници: Краутрок прв дел“. Краутрок е називот за група култни бендови од Германија популарни во 1970-тите години: Can, Neu! Фауст, Крафверк. Вториот филм истата вечер – „Изгубената жица“ е портрет на авангардниот џез-гитарист Марк Рибо и неговите бендови и проекти како дел од даунтаун сцената во Њујорк.

Вечерта на фолк музиката е посветена на фадото од Португалија со „Мадредеуш“ и Ник Дрејк. Завршната вечер е посветена на рок-бендовите У2 и албумот „Joshua Tree” и „Квин“ со „Боемска рапсодија“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...