Британскиот премиер Борис Џонсон се закани дека ќе биде исфрлен од Конзервативната партија секој пратеник кој ќе гласа против Владата кога е во прашање Брегзит.
Извор од Секретаријатот на партијата изјави дека секој пратеник од Конзервативната партија кој оваа недела ќе гласа против Владата ќе биде исфрлен од партијата и нема да може да се кандидира со другите конзервативци на следните избори, пренесува Хина.
– На конзервативците им се испраќа многу едноставна порака – доколку во вторник не ја поддржат Владата, ќе ја уништат владината преговарачка позиција и ќе ја предадат контролата врз парламентот на Џереми Корбин – изјавил изворот.
Расплетот околу Брегзит се очекува во текот на оваа недела, кога опозициските пратеници ќе побараат промена на законите од сите партии во нивниот обид да блокираат Брегзит без договор, за кој дел се верува дека економски би наштетил на Велика Британија.
Лидерот на опозициските лабуристи Корбин изрази подготвеност да направи сè за да спречи Брегзит без договор, опишувајќи го последниот обид како повлекување на земјата од работ на бездната.
Џонсн, кој во јули дојде на премирркста функција, наследувајќи ја Тереза Меј, вети дека Велика Британија ќе излезе од ЕУ на 31 октомври – со или без договор со кој би се уредиле идните односи меѓу Унијата и официјален Лондон.
Џонсон има само еден глас мнозинство во Парламентот со 650 пратеници, па неговите закани за исклучување на парламентарци од партијата, како на пример поранешниот министер за финансии Филип Хамонд, може да доведе до предвремени избори.
Британскиот премиер одлучи да го суспендира парламентот, односно новата парламентарна сесија да почне дури од 14 октомври. Со толку малку време – само до 31 октомври – пратениците тешко ќе успеат да спречат Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор, пренесува Би-би-си.
ФОТО: EPA / NEIL HALL