Преку пет општини ќе се тестираат документите и законските акти за енергетска ефикасност во рамки на проектот „Создавање услови за имплементација на ЕСКО проекти“ финансиран од Регионалната програма за енергетска ефикасност (РЕЕП).
Општините Василево, Валандово, Македонска Каменица, Радовиш и Чашиново-Облешево треба да реализираат проект за заштеда на енергија од уличното осветлување преку јавно приватно партнерство со ЕСКО компании кои ќе инвестираат во преоктот.
– ЕСКО компанијата ќе треба да го направи енергетски ефикасно уличното осветлување и за одреден период ќе управува со него. Штоа значи дека проектот финансиски во целост ги покриваат ЕСКО компаниите. Општините практично ги отплаќаат проектите (преку месечни ануитети) од заштедите на трошоците за енергија кои претходно ги пресметале и утврдиле ЕСКО компаниите., а општината која потпишала договро со компанијата по одреден период го презема осветлувањето во своја надлежност – појасни координаторот на проектот Здравко Стефановски.
Министерството за економија е при крај со подзаконските акти кои треба да го овозможат реализирањето на овој проект. Истовремено се изработува и шаблон за тендер кој треба да им помогне на општините полесно да го изработат сопствениот тендер. На 5 септември во Стопанската комора ќе се одржи и работилница на која ќе бидат презентирани техничката и тендерската документација за јавното улично осветлување изготевна од страна на пилот-општините, основните начела на ЕСКО моделот, односно договорот за енергетски услуги што согласно подзаконските акти што се подготвуваат ќе мора да се потпише меѓу давателот и корисникот, како и постапката за јавно-приватно партнерство за објавување на тендерската документација од страна на општините.
– Преку овие документи ќе се тестираат подзаконските акти кои следат по Законот за енергетска ефикасност кој е во предлог текст со што ќе се одбегнат одедени нелогичности– рече раководителот на Секторот за енергетика во Министерството за економија Валентина Старделова.
Стефановски информира дека ЕСКО- компанија може да биде секоја компанија која има допирни точки со улично осветлување, дистрибутери на светилки, инсталатерски и фирми за одржување, како и која било друга компанија што има соодветна експертиза може да се пријави за реализација на овој проект.
– Законски барања дополнителни нема. Преку аплицирањето за финансиски средства до банките, всушност се проверува експертизата на ЕСКО компаниите, дали се соодветни, како го изработиле концептот на проектот и дали преку тој концепт ќе се остварат заштедите што се наведени- дополни Старделова.
Интерес за вклучување во проектот изминатите месеци пројавила 20 општини кои освен за улично осветлување можат да подготват и проекти за загревање и ладење како и за мали водоводи.