На едно место информации до недвижностите на продажба

Најмногу продадени станови има во општина Аеродром, односно во овој период се продадени 268 станови, додека пак најголем број продадени куќи  – 28 има на територијата на општина Велес. Центар е општината со најголем број продажби на деловни простори, односно 36, Чешиново Облешево преднични во продажба на земјоделско земјиште со 108 такви продажби, а Прилеп со 48 продажби на градежно земјиште.

627

На едно место секој заинтересиран инвеститор и купувач на недвижен имот да добие точна информација за недвижниот имот расположлив за продажба. Тоа треба да се овозможи со воспоставувањето на новиот регистар на преземени недвижности наменети за продажба, што се очекува да профункционира до крај на годинава во рамки на е-Кат системот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Формирањето на овој регистар е поврзано со Регистарот на цени и закупнини и Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, како дел од геодетско катастарскиот информациски систем. Податоците за недвижностите  од регистарот на преземени недвижности наменети за продажба ќе бидат предмет на обработка во Регистарот на цени и закупнини.

Почетното воспоставување на регистарот би значело доставување на податоците со кои располагаат банките, штедилниците, Управата за јавни приходи, Агенцијата за управување со одземен имот и други финансиски субјекти.

Подзаконски акти и техничко решение за новиот регистар

Предуслов за воспоставување на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба беа измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности донесени во јуни годинава.

Од Катастарот за МИА велат дека работна група ги подготвува подзаконските  акти и се очекува следниот месец да биде готов потребниот Правилник за начинот на водење, формата и содржината на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба.

 – Во правилникот е детално пропишана формата и содржината на Регистарот, потоа податоците за недвижностите  кои ќе се внесуваат во Регистарот, начинот на внесување/проверка на внесените податоци, како и обврската за Агенцијата за катастар на недвижности преку веб страницата да овозможи пристап до податоците од Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба. Регистарот ќе содржи просторни и описни податоци за недвижности преземени во постапка при наплата на побарувања или по други основи, наменети за продажба, како и податоци за субјектот  кој ги преземал недвижностите (Агенција за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, банки и др) – велат од Агенцијата закатастар на недвижности.

Паралелно со правната норматива, како што појаснуваат, се работи и на техничкото решение за воспоставување на регистарот, коешто вклучува дефинирање на структурата на записите и нивно поврзување со податоците на катастарот на недвижности. Се планира, најавуваат, до крајот на оваа година да биде воспоставен Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба.

Прелиминарен модел за вреднување станови

Според Годишната  програма за работа на Катастарот, во делот на воспоставување модели за масовна проценка на недвижности е предвидено да се изработи и прелиминарен модел за вреднување на станови којшто ќе биде тестиран во една урбана општина. До крајот на годинава се очекува да се добијат првите вредности на становите во одредена општена.

Податоците од Регистарот на цени и закупнини Катастарот ќе ги издава на овластените проценители и на други заинтерсирани лица, со соодветен надомест.  За да се реализира тоа потребна е надградба на е-Кат системот во делот на Регистарот на цени и закупнини, статистика за анализа на пазарот на недвижности, зонирање и моделирање.

Земјоделското земјиште и становите со најголем удел на пазарот за продажба на недвижности 

Во првиот квартал годинава на територијата на државава се регистрирани вкупно 4.345 продажби, од кои 3.506 на стари недвижности, 687 се продажби на новоградби, односно прва продажба на недвижноста, 147 се откупи од државата, а имало и пет продажби на недвижности по пат на лицитација, покажува последниот Извештај на Регистарот на цени и закупнини, каде од 2015 година се на располагање информации поврзани со трансакциите на недвижниот имот.

Доколку се разгледа продажбата на недвижностите по типови на продажба, може да се забележи дека најголемиот број продажби отапаѓаат на продажба на земјоделското земјиште, односно 35 проценти. Споредено со четвртиот квартал лани, во првиот квартал од годинава има зголемување на продажба на земјоделското земјиште за два процента.

Ако во последниот квартал лани становите опфаќале 36 проценти од вкупниот број продажби,  во првите три месеци од годинава нивното учество во пазарот на недвижности е намалено за два процента и опфаќаат 24 проценти.  Градежното земјиште во првиот квартал учествува со 15 проценти на пазарот на недвижности, учеството на куќите изнесува осум проценти, на деловните простори пет проценти, останатите недвижности два  процента, додека индустријата опфаќа еден процент од пазарот на недвижности. Најголем дел од пазарот заземаат земјоделското земјиште и становите кои заедно сочинуваат 69 проценти од пазарот за продажба на недвижности.

Најмногу продадени станови има во општина Аеродром, односно во овој период се продадени 268 станови, додека пак најголем број продадени куќи  – 28 има на територијата на општина Велес. Центар е општината со најголем број продажби на деловни простори, односно 36, Чешиново Облешево преднични во продажба на земјоделско земјиште со 108 такви продажби, а Прилеп со 48 продажби на градежно земјиште.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...