На градскиот плоштад во Крива Паланка вечер во 20 часот ќе почне фестивалот „Џојфест“, на кој главна ѕвезда е Влатко Стефановски.
Александар Михајловски од организацискиот одбор на „Џојфест” ги покани љубителите на добра музика да присуствуваат на концертот.
– „Џојфест“ е културна детоксикација на граѓаните. Главна ѕвезда на вечерта ќе биде Влатко Стефановски со неговото трио, а ќе настапат Тони зен, Ки, Флека, Сајгон и Три оф ас – изјави Михајловски.
Директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски, ги покани сите граѓани и туристи да присуствуваат на фестивалот со кој се заокружува летната музичка и културна понуда во градот.
Настанот е дел од „Кривопаланечко културно лето” кое општина Крива Паланка го организира во соработка со локалните институции од областа на културата, со поддршка на Министерството за култура.