Премиерот Зоран Заев синоќа на собраниската седницата на која се расправа за избор на двајца нови министри и тројца заменици министри, најави нови економски мерки чија реализација се овозможува со ребалансот на Буџетот, кој треба да помине наредната недела на Владина седница.
– На почетокот на работата на Собранието во септември ќе влеземе во парламентарна процедура, и заедно со новата министерка за финансии, ќе предложиме решенија кои добиваат можност да се имплементираат благодарение на перформансот на Буџетот. Тие решенија, сакавме да ги имплементиравме и 2017 и 2018 година, но Буџетот не беше во состојба. Сега Буџетот е ликвиден, финансиски е стабилен и може да си дозволи алокација на 40 милиони евра или 2 милијарди и 400 илјади денари за супституирање на придонесите за да се овозможи пораст на платите. Зошто? Затоа што наместо да даваат пари во кеш како дополнување на платата на работниците, за да ги мотивираат, да ги задржат, работодавачите не ја даваат целата бруто плата, зашто вкупно придонесите на бруто плата изнесуваат 47 отсто заедно со персоналниот данок. Односно, на 20.000 денари, нето плата, во државата, се плаќа 9 илјади и 470 денари севкупни давачки, персонален данок, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Целта е навистина да ги демотивираме на ваквото давање на пари во кеш. Со новата мерка што ќе ја предложиме, тие ќе платат само 11 проценти персонален данок, а другиот дел, пензиско, здравствено и социјално осигурување, државата ќе го покрие. Вработените ќе добијат повисоки нето плати и ќе бидат мотивирани да останат на работа. Тоа е мерка која ќе придонесе кон мотивацијата и младите луѓе, и сите други, да останат во државата зашто платите ќе растат. Имаме таков капацитет – образложи Заев.
Премиерот додаде дека дополнителен ефект од оваа мерка е што, во суштина, ќе се помагаат двата фонда, и здравствениот и пензискиот од тие пари, со што ќе се отвори можност за раст на платите и во здравството.
– Ако две третини од супституираните придонеси од страна на Владата со оваа мерка одат во Пензискиот фонд и една третина во Здравствениот фонд, ќе имаме дополнителна резерва за покачување на платите на здравствените работници зашто ќе се слеат екстра пари во стабилниот Буџет – посочи премиерот Заев.