Косово испрати документи за исправност на икрата

АХВ ќе изврши контрола на терен, по што доколку се утврди дека се отстранети недоследностите согласно законската регулатива, ќе донесе одлука за да се дозволи увоз на икра и материјал за порибување од Косово.

136

Министерството за економија во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на следната недела ќе изврши увид во документацијата со која се докажува дека се усполнети условите за увоз на икра и материјал за порибување што е доставена од Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово и ќе изврши контрола на терен, по што доколку се утврди дека се отстранети недоследностите согласно законската регулатива, ќе донесе одлука за да се дозволи увоз на икра и материјал за порибување од Косово.

– Министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала денеска испрати писмо до министерот за економија Крешник Бектеши со кое го информира дека Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово веќе ја испратила потребната документација до Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија (АХВ) со кои се докажува дека се усполнети условите за увоз на икра и материјал за порибување – информира Министерството за економија.

На состаникот помеѓу двајцата министри кој што се одржа минатата недела, беше договорено најдоцна до понеделник 26 август, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово да ги достави потребните документи дека е извршен пасивен и активен мониторинг на рибните производи, со што Република Северна Македонија ќе дозволи увоз на икра и материјал за порибување од Косово. Во исто време Косово ќе ја повлече одлуката за забрана на увоз на мед и компири од земјава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...