Заклучно со денеска отстрелани се 85 диви свињи и, според лабораториските анализи на примероците земени од нив, сите се негативни на болеста африканска чума, информира за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов.
Атанасов претходно рече дека заловување досега имало во струмичко-гевгелискиот регион, тетовскиот, кумановско-паланечкиот дел,…Отстрелот, додаде, обично се спроведува за време на викенд, зашто ловците се рекретивци, не професионалци. Се организираат кога се послободни.
– АХВ секој ден добива известување кое друштво кој ден ќе лови, за да излезе соодветно на терен со свои инспектори и ветеринари и да земе мостри – рече директорот.
Дополни и дека засега условите за отстрел во моментов се ограничувачки поради густата, раззеленета шума што ја намалува видливоста на ловџиите и им овозможува на дивите свињи полесно да се кријат.
Министерството за земјоделство на 30 јули годинава донесе Решение со кое одобри отстрел на дивите свињи во земјава, а заловувањето почна пред две недели.
АХВ продолжува со максимално следење на состојбата и преземање на сите превентивни мерки.