Инфраструктурните проекти во државава и потребата од потпишување нова спогодба за воздушниот сообраќај со Велика Британија, биле теми на денешната средба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и британската амбасадорка Рејчел Галовеј.
Сугарески ја информирал амбасадорката за инфраструктурните проекти што се реализираат во државава, како и за реформските закони што се спроведуваат за усогласување со европската регулатива.
– На средбата разговаравме за проектите што ги реализираме во делот на инфраструктурата. Ја информирав амбасадорката за сите капитални проекти. Исто така, зборувавме и за Спогодбата што треба да ја потпишеме во насока на регулирање на авиосообраќајот меѓу двете земји, по најавите за излез на Велика Британија од Европската Унија – изјавил министерот Сугарески, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Меѓу останатото, тој ги потенцирал проектите за изградбата на железницата на Коридор 8, гасификацијата, како и подобрувањето на патната инфраструктутра, како дел од паневропските коридори.
Изразил и благодарност за досегашната соработка и поддршката што Велика Британија и ја дава на држвава.