Учебната година ќе почне или со штрајк или со повисоки плати за наставниците

Министерот за образование Арбер Адеми, денеска изјави дека се надева, оти СОНК ќе се откаже од предупредувачкиот штрајк во понеделник, зашто и Министерството сака да ја подобри материјалната состојба на наставниците. Според него, зголемувањето на платите во образованието за една година изнесува 10,8 отсто.

1455

Сѐ уште не се знае дали во понеделник ќе почне нормално учебната година или со предупредувачки штрајк на наставниците како што најави Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Тоа, како што велат од синдикатот, зависи од Министерството за образование и Владата кои имаат рок до крајот на месецов да одговорат на барањето за зголемување на платите на наставниците од 25 отсто, наместо 5 отсто како што беше најавено од страна на Владата.

Министерот за образование, пак, очекува СОНК да се откаже од штрајкот во понеделник, оти за тоа нема потреба, кога, како што велат оттаму, и Владата размислува за подобрување на материјалната состојба на наставниот кадар.

Од СОНК не се откажуваат од одлуката за штрајк, ако нема преговори.

– Се надеваме дека деновиве ќе има средба во Министерството за образование и ќе почнат преговори за зголемување на платите што моментално е наш приоритет. Доколку почнеме преговори нема да има предупредувачки штрајк. Ако тоа не се случи, како што најавивме, во понеделник ќе имаме предупредувачки штрајк, а потоа и месец на преговори за платите во наредната година во кои ќе бараме далеку повисок процент на зголемување на платата – вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Пресметките на СОНК се дека зголемувањето на платите во основното и средното образование треба да го следи зголемувањето на минималната плата на национално ниво или севкупно зголемување од 25 отсто.

– Изминатите години имаше зголемување на минималната плата со која е опфатен техничкиот кадар во образованието, но нема поместување на платите кај другите категории вработени и наставниот кадар што е многу лошо, бидејќи платите на техничкиот кадар се изедначија со платите на кадарот кој пред тоа земаше повисока плата. Затоа сметаме дека треба да се следи растот на минимлната плата и зголемувањето севкупно да биде 25 отсто, со тоа што тука ќе биде пресметано и планираното зголемување од 5 отсто – вели Неделков.

Основната плата во образованието изнесува 21.660 денари. Најголемиот дел од наставниот кадар зема 80 отсто од оваа плата, а просекот во основното и средно образование е плата од 20.000 денари. Доколку Владата прифати зголемување на платата од 25 отсто основната плата во образованието би пораснала за 5.415 денари и би изнесувала 27.075 денари. Со зголемување, пак, од само 5 отсто како што планираше Владата основната плата во образованието ќе се зголеми за 1.083 денари и ќе изнесува 22.743 денари.

Министерот за образование Арбер Адеми, денеска изјави дека се надева, оти СОНК ќе се откаже од предупредувачкиот штрајк во понеделник, зашто и Министерството сака да ја подобри материјалната состојба на наставниците. Според него, зголемувањето на платите во образованието за една година изнесува 10,8 отсто.

– Би сакал да се откажат од најавениот предупредувачки штрајк, бидејќи навистина нема причина за тоа. Штрајк се организира кога нема решение, а ние нудиме решение – зголемување на платата за пет проценти во 2018 година и пет проценти во 2019 година. Ќе има и идно покачување на платите во дејноста образование, но колку ќе биде и од кога не можам сега да кажам, бидејќи ги немаме разгледано сите параметри и ја немаме јасната слика од обврските што сме ги презеле како држава за следната година. Кога ќе бидат јасни податоците тогаш благовремено ќе излеземе и ќе кажеме колкаво ќе биде следното покачување на платите – рече Адеми.

Адеми смета дека со СОНК имаат заедничка цел и затоа треба заедно и на конструктивен начин да одлучат колку се можностите.

– Ајде да преговараме дали можеме или не можеме да ја покачиме платата. Ние велиме можеме, а колку ќе биде тоа идно покачување на платите зависи од параметрите. Да ги разгледаме заедно и да одлучиме заедно, бидејќи ни е заеднички приоритет и цел подобрувањето на статусот на вработените во секторот образование – рече Адеми.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...