Македонија и Бугарија ќе ги поврзат организираните пазари за тргување со електрична енергија, предвидува Меморандумот за разбирање што го потпишаа претставници на Регулаторната комисија за енергетика и МЕПСО од македонска страна и претставници на бугарската Регулаторна комисија за енергетика, бугарскиот електропреносен систем оператор ЕСО и бугарската берза за електрична енергија ИБЕКС, вчера во Софија. Намерите од овој меморандум ќе може да се реализираат откако Македонија ќе формира организиран пазар за електрична енергија на кој ќе се тргува на принципот „ден однапред“, што е предвидено со новиот Закон за енергетика, кој е во подготовка.
Од македонска страна Меморандумот го потпишаа Димитар Петров, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и Симон Шутиноски, член на Управен одбор и директор на Операторот за пазар на електрична енергија во МЕПСО. Од бугарска страна документот го потпишаа Иван Иванов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси на Бугарија, Ангелин Цачев, генерален директор на бугарскиот електропреносен систем-оператор ЕСО и Константин Константинов, директор на бугарската берза за електрична енергија ИБЕКС.
Овој чекор ќе ја олесни трговијата со електрична енергија, ќе ја унапреди соработката меѓу двете земја и е дел од техничката поддршка која Секретаријатот на енергетската заедница ја дава на земјите од Западен Балкан за имплементација на регионален пазар на електрична енергија. Меморандумот е во насока на исполнување на првиот чекор за интеграција на организираните ден-однапред пазари на електрична енергија од земјите на Западен Балкан во пан-европскиот пазар на електрична енергија, а тоа е поврзување на организиран пазар од земја која е договорна страна во Енергетската Заедница со организираниот пазар од најмалку една земја која е членка на ЕУ.