Жедни со денови на високи температури, граѓаните на општина Сарај се лути на локалната власт и на Градот Скопје. Тие бараат брзо разрешување на проблемот, а општинската власт и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ меѓусебно се обвинуваат дека недоволно инвестираат во решавањето на проблемот.
– Треба ли да почине некој оти немал вода да се напие, па општината и Градот да преземат нешто за нормално водоснабдување на поголемиот дел од селата во општината Сарај – вели жител на Матка.
Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети тврди дека општината презема сѐ за да се реши проблемот, но Градот Скопје и јавното претпријатие не се заинтересирани тоа да се случи колку што е можно поскоро. Беџети бара, како што вели, проактивен однос на сите институции за решавање на проблемот.
– Имам сигурни информации дека ЈП „Водовод и канализација“ инвестира во водоводите на другите општини. Тоа можете како медиум да го дознаете од инвестиционата програма на претпријатието. Но во Сарај нема инвестирано ништо – вели тој.
Беџети потсетува дека СДСМ за време на изборите ветувал решавање на проблемот и затоа бара ангажирање на градските власти и државните институции, како што вели, само за доброто на граѓаните.
Како локална власт, тој вели дека работи на решавање на проблемот преку проект за изградба на два резервоара за вода.
– Општината работи на проект на изградба на два резервоара за вода кои ќе бидат поврзани со изворот Рашче, а ќе го решат проблемот со вода за пиење на неколку села – Рашче, Карбинци, Ласкарце Буковиќ. Проектот за првиот резервоар е веќе готов и се чека одобрување од Министерството за транспорт. За првиот дел од проектот веќе се обезбедени и пари. Проектот за вториот резервоар очекувам да биде завршен до крајот на годината. Со ова ќе го решиме проблемот за овие села – информира Беџети.
Двата резервоара за вода беа во план за изградба и во мандатот на претходниот градоначалник, но како што вели Беџети, ВМРО-ДПМНЕ не сакало да му даде дозвола за градење. За првиот дел од проектот веќе се обезбедени и пари вели градоначалникот.
Беџети не негира дека има диви приклучоци за вода, но вели дека „Водовод“ треба да се справи со овој проблем и со проблемот на прекумерна употреба на водата за пиење за наводнување.
– Знам дека имаше акција за отстранување на дивите приклучоци, но не им пратив мои луѓе зашто знам дека нема да има ефект од акцијата – вели Беџети.
Од „Водовот и канализација“, пак, тврдат дека претпријатието не инвестира во изградба на водоводна мрежа, туку дека тоа е обврска на општините.
– ЈП Водовoд и канализација – Скопје не инвестира во водоводна мрежа, тоа го прават општините заедно со Град Скопје. Наша дејност е собирање, обработка и снабдување со чиста и квалитетна вода за пиење, како и отстранување на отпадни води на територија на град Скопје и реконструкција на веќе постоечката мрежа – велат од „Водовод“.
Оттаму тврдат и дека издашноста на изворите е во границите како и изминатите години.
– Но со појавата на подолги периоди со топло време потрошувачката на вода драстично се зголемува, па затоа доколку има потреба во функција се ставаат и бунари како би се надополнила потребата од зголемената потрошувачка на вода – велат од „Водовод“.
Во борбата со дивите приклучоци од претпријатието тврдат дека редовно организира акции за исклучување на дивите приклучоци, но се жалат на работата на комуналните инспектори од општината кои не ги санкционираат прекршителите.
– Општините преку своите комунални инспектори треба да придонесат истите да бидат санкционирани – велат од „Водовод“.