Богов: Да се оданочат економските активности кои не се оданочени

226

Подобрувањата во одредени аспекти во македонската економија регистрирани последниот период создадоа услови за намалување на каматната стапка на три проценти. Европската централна банка се уште се држи до монетарната политика која предвидува инјектирање на ликвидност, со најава дека со таквата политика ќе продолжат до крајот на годината. Народната банка на Република Македонија ќе ги следи европските монетарни политики и соодветно на нив ќе ја уредува својата.

Тоа го истакна гувернерот на НБРМ Димитар Богов на прес-конференцијата што се одржа во рамки на вториот работен ден од Годишната конференција што се одржува во Охрид.

Што се однесува на фискалната политика во земјата и актуелното прашање околу плановите за воведување прогресивен данок, Богов нагласи дека фискалната политика е во ингеренција на Владата, односно дека тоа е нејзино ексклузивно право, секако и одговорност.

– Монтарната политика ќе се приспособува на секоја фискална политика соодветно. Доколку фискалната политика е поконзервативна тогаш има простор моментарната да биде порелаксирана и обратно. Даночната политика не би ја коментирал, оттаму што тоа е исто така владина надлежност – истакна Богов.

Тој сугерира дека би било подобро Владата да се концентрира на оданочување на сегментите што досега не подлежеле на оданочување. Уште повеќе што и Македонија исто како и државите од регионот имаат проблем со сивата економија, која е прилично висока, а има простор за подобрување на јавните финансии токму преку зафаќање на оние економски активности што не се оданочени.

Светските финансиски експерти учесници на собирот во Охрид се осврнаа на актулното прашање околку се поизразените трговски бариери што ги воведуваат силните економии, со оценка дека секоја мерка спротивна на заложбите за слободна трговија негативно ќе влијае врз растот на националните и светската економија во целина.

-Трговска војна е лоша вест. Тоа негативно ќе се одрази врз економскиот развој и раст, во сите економии на глобални рамки. Последиците од воведување евентуални трговски бариери ќе бидат повисоки увозни цени, а сето тоа ќе биде товар врз џебот на грѓаните. Друг негативен ефект би бил влошување на севкупните состојби на пазарот на капитал односно намалување на довербата кај инвеститорите. Трговска војна на подолг рок негативно ќе се одрази и врз растот на продуктивноста, имајќи предвид дека токму слободната трговија е една од детерминатите што условуваат зголемен економски раст- рече Јан Сметс, гувернер на Централната банка на Белгија.

Бас Бакер, регионален резидентен претставник на ММФ за Централна и Источна Европа посочи дека од почетокот на економската криза во рамки на еврозоната, секоја прогноза што Фондот ја дал по однос на стапката на развој на економијата била пониска од претходната.

– Подобрите резултати забележани во еврозоната регистрани последната година беа резултат токму на зајакнувањето на светската трговска размена. Силна трговска размена во светски рамки носи економски напредок, како во глобални, така и во рамки на еврозоната. Јасно е дека во услови на нагло забавување на трговската размена не може да се очекуваат позитивни економски параметри -рече Бакер.

Во рамки на Годишната конференција се одржаа две панел-дискусии, од кои првата посветена на новиот глобален циклус и нормализирањето на монетарната политика, а втората на капиталните текови – изгледите и ризиците на регионот.

На собирот во Охрид учествуваа претставници на централните банки на држави од ЕУ и пошироко, на Европската централна банка, на финансиски и државни институции, како и професори на академски институции од повеќе држави. Конференцијата претставува одлична можност за размена на искуства со претставниците на пошироката меѓународна заедница за клучни прашања од областа на макроекономијата, монетарната политика и финансиската стабилност, како за претставниците на НБРМ, така и за домашните банки и другите финансиски институции.

Со конференцијата во Охрид се одбележува годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...