Чувствителноста на господинот Ципрас „за нашиот заеднички дом“, задоцни 4,5 години, како што, за жал, покажаа трагични резултати како од поплавата во Мандра, така и од пожарот во Мати, вели заменикот министер и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас во писмената изјава- одговор на ставот на поранешниот премиер на Грција и лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас во однос на пожарите во Амазонија, jави дописничката на МИА од Атина.
– Господинот Ципрас, вели дека „не слушна ништо“ за климатските промени за време на неодамнешната посета на премиерот во Париз. Повторно лаги? Затоа, го упатуваме на конкретниот дел од изјавата на Кирјакос Мицоракис на средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон – вели Пецас и го повторува делот од изјавата на Мицотакис во кој тој вели дека ја поздравува глобалната улога на Макрон во Договорите од Париз и порачува „да се осмелиме заедно да поставиме уште поамбициозни цели за Европа да ја претвориме во вистински зелен континент лидер во иновациите во прашањата за енергетска транзиција “.
Одговорот на портпаролот на грчката влада доаѓа откако Ципрас, на Фејсбук напиша дека „Грција мора веднаш да се спротивстави на Договорот ЕУ-Меркозур, сè додека екстремно десничарската влада на Болсонаро одбива да ги преземе нејзините обврски кон животната средина“ и упати критики до актуелниот премиер, Кирјакос Мицотакис.
Поранешниот грчки премиер истакна дека пожарите во Амазонија „се закана, не за некое далечно соседство на планетата, туку за нашиот заеднички дом. За земјата“.