Франција против трговскиот договор на ЕУ и Меркосур

147

Франција денеска соопшти дека е против трговскиот договор на ЕУ со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур затоа што бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја минимизираше загриженоста за климатските промени, притоа обвинувајќи го дека го лажел францускиот лидер Емануел Макрон.

Во соопштението на Елисејската палата се наведува дека Болсонаро не ги почитувал своите „обврски кон климата“ и не го заштитил биодиверзитетот, така што Макрон може „само да заклучи дека претседателот Болсонаро го излажал“.

До заострување на тензиите меѓу Бразил и Франција дојде откако Макрон предупреди дека пожарите што ја зафатија Амазонија претставуваат „меѓународна криза“ и ги повика членките на Г-7 да разговараат за ова прашање на самитот во Бијариц, Франција, овој викенд.

– Нашата куќа е во пламен. Буквално. Гори Амазонија, белите дробови на планетата кои произведуваат 20 отсто кислород. Тоа е меѓународна криза. Членки на Г-7, се гледаме за два дена кога ќе разговараме за овој проблем – напиша франсцускиот претседател на Твитер.

Болсонаро одговори дека земјите кои донираат пари за заштита на шумите во Амазонија не го прават тоа од „милост“, туку за да се мешаат во суверенитетот на Бразил.

– Земјите кои праќаат пари не го прават тоа од милост. Тие праќаат пари за да се мешаат во нашиот суверенитет – рече Болсонаро на Фејсбук.

Освен Франција и Ирска се заложи за блокада на договорот, а Финска побара забрана за увоз на говедско од Бразил.

Светската фондација за природа соопшти дека Амазонија е „неповратно оштетена“ и предупреди дека наместо кислород може да почне да испушта јаглерод, кој е главен двигател на климатските промени.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...