Управата за јавни приходи (УЈП) од денеска почнува со контролите во фирмите на Бојан Јовановски и кај физичките и правните лица поврзани со случајот „Рекет“. Контролите завчера ги најви директорката на УЈП Сања Лукаревска.
– Ќе постапиме во делот кој се однесува на даноците. Ќе ги контролираме Меѓународниот сојуз, 1ТВ, БМЈ груп и сите останати даночни обврзници за кои преку анализите сме утврдиле дека постоеле одредени деловни односи и соработка. Ќе направиме и контрола на сите засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз за кои ќе ги утврдиме и исплатите кои се правени – рече Лукаревска на завчерашната прес-конференција.
Таа прецизира дека физичките лица ќе бидат контролирани по основ на остварените приходи и по основ на Законот за персонален данок, а останатите даночни обврзници преку ДДВ, данок на добивка, пресметки, деловни односи, задржан данок…
– Преку исплатите што ги правел Меѓународниот сојуз ќе видиме на чија сметка од физичките лица се легнати тие пари и дали воопшто се пријавени. Доколку се утврдат даночни затајувања УЈП ќе започне постапки за потекло на имот- кажа Лукаревска.