Израел распореди тенкови и снајперисти на границата со Појасот Газа во очекување на „Ден на Молотов“

Израелски медиуми објавија дека Палестинците подготвиле запаливи бомби и затоа денешните демонстрации ги нарекоа „Ден на Молотов“.

644

Израелската армија распореди тенкови и снајперисти долж границата помеѓу Израел и Појасот Газа очекувајќи нови, трети масовни демонстрации од страна на Палестинците.

Израелски медиуми објавија дека Палестинците подготвиле запаливи бомби и затоа денешните демонстрации ги нарекоа „Ден на Молотов“.

Но, организаторите на демонстрациите ги негираат таквите наводи, истакнувајќи оти планираат ненасилен протест.

Демонстрациите под мото „Марш за враќање“ почнаа на 30 март и беше најавено дека ќе траат шест недели, до 15 мај, Денот на независност на Израел, што Палестинците го нарекуваат „Накба“ (Катастрофа). Тогаш стотици илјади Палестинци ги напуштија домовите поради војната, по што е формирана еврејската држава во 1948 година.

Во демонстрациите на 30 март загинаа 34 Палестинци, а над илјада беа повредени од боева муниција.

Израел тврди дека екстремистичкото палестинско движење Хамас, под чија контрола е Појасот Газа, со протестите се обидува да ги маскира обидите за нападите, нагласувајќи оти нема да дозволи пробивање на граничната ограда.

Минатиот петок на границата демонстрираа околу 20.000 Палестинци, а на 30 март беа околу 30.000 Палестинци кои протестираа поради израелската блокада, што трае повеќе од десет години, поради што палестинските бегалци не можат да се вратат во своите домови.

Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман предупреди дека секој кој ќе се доближи до граничната ограда го доведува животот во опасност.

Белата куќа ги повика Палестинците да протестираат мирно и на 500 метри од границата.

Израелската армија изминатите недели неколку пати нападна објекти на Хамас во Појасот Газа, а Движењето тврди дека Израел сака да го вовлече во војна.

Покрај израелско-палестинските тензии. Израел е во состојба на готовност поради заканата од Иран за одмазда поради нападот врз сириска воена база ноќта помеѓу неделата и понеделникот, за што Москва, Техеран и Дамаск го обвинија Тел Авив.

Израел е во состојба на готовност и поради евентуалниот напад на САД врз силите на сирискиот претседател Башар ал Асад поради наводниот хемиски напад во Дума.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...