На почетокот на летото, хакерите успеаја да ги добијат лозинките на 2.000 француски даночни обврзници и се забавуваа менувајќи ја нивната даночна пријава. Но, владата тврди дека инцидентот немал никакви последици, пренесува дописникот на МИА.
„Пиратерија во Берси: илјадници даночни документи се променети“ е насловата страница на денешното издание на „Канар аншене“, откривајќи ја оваа афера со хакерски напад врз интернет порталот на француската даночна служба,
Според сатиричниот весник, хакерите успеале да се вклучат на крајот на јуни на околу 2.000 профили на даночните обврзници за да ја променат нивната даночна пријава.
– Најчесто пиратите во пријавите на своите жртви додавале кредити и олеснувања за даноците и ги заменувале нивните банкарски податоци со други, целосно измислени. Но, овие упади беа брзо блокирани и немаа последици – тврди Генералниот директорат за јавни финансии.
Според директоратот, хакерите немаа желба да заработат пари затоа што „кај нас нема што да се украде“, изјави официјален претставник на директоратот.
Всушност, даночната дирекција е „колатерална жртва“ на хакираните поштенски сандачиња на корисниците, кои биле лошо заштитени со премногу едноставни лозинки, а хакерите ја презеле нивната контролата. Ако даночниот обврзник ја изгуби својата 13-цифрена даночна лична карта, таа може да му биде испратена назад по е-пошта, што го овозможува упадот.
Според директоратот, било констатирано дека имало „невообичаен бран на обновување на лозинки на повеќе приватни профили на порталот за пријавување на данокот“.
Хакерскиот напад опфатил само околу 2.000 профили од повеќе од 31 милиони (помалку од еден отсто), даночните службеници беа во можност брзо да ги блокираат погодените профили пред телефонски да им се јават во еден ден на сите жртви и да го ресетираат нивниот профил, откако се увериле дека повторно ја вратиле контролата врз нивното поштенско сандаче. За оние што не можеле да ги добијат по телефон, им била испратена пошта.
За да се спречи повторување на овој вид инциденти, Директоратот, кој ги известил давателите на поштенските електронски сандачиња, поднесе тужба, притоа ги повика даночните обврзници да ја обезбедат својата е-пошта.
Даночните власти, исто така, до крајот на август ќе го зајакнат пристапот до нивната веб-страница: даночните обврзници ќе треба да го дадат својот датум на раѓање за да пристапат до нивниот личен профил.
На подолг рок, предвидени се дополнителни безбедносни мерки како „испраќање код преку СМС-порака или примена на биометриски систем како што е предложено од ЕУ“. Исто така се предупредува на „обидите за измама со банкарската картичка преку ветување за враќање на даноците по е-пошта“ или повици кои покануваат да се повика телефонски број што се наплаќа по пет евра во минута, за да се наводно „избегне казна“.