Во ноќниот клуб Станица 26 во организација на 3Гонга на 18 април во 21 часот настапува македонската група „Темпера“. Во овој скопски бенд членови се музичките ветерани Мите Димовски на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, Драган Гиновски на гитара и вокалистката со разорен глас, Тања Тас.
На концертот ќе ги отсвират песните од нивниот албум „Играј“, премиерно ќе ја изведат во живо нивната нова песна „Не застанувај“ за која неодамна направија и видео запис, како и песни од нивниот нов албум кој е во подготовка.
Досега бендот има настапувано низ цела Македонија. Во 2014 година тие беа специјални гости на два фестивали „Белгрејд колинг“ и „Скопје Гори“, каде ѕвезда на вечерта беше Били Ајдол.
„Темпера создава музика полна со енергија и емоции, акцентирајќи ја индивидуалноста на изразот и нејзиното лично овоземно патување. Тоа е повик да не се дозволи да застане мислата, и тоа не само како своевиден танц со и во мислите, туку и во решителноста да се делува, да се истражува… и да не се игнорира поривот за игра, кој претставува своевиден одбранбен механизам за заштита и одбрана на душата. На концертот ќе свириме песни од албумот „Играј“ како и промоција на новиот материјал од нашиот втор албум кој е во подготовка. Очекувајте енергична свирка, бидејќи одлично функционираме во живо“, велат од бендот.