Лидерот на партијата Лига и министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини денеска изјави дека е подготвен да ја зачува актуелната владејачка коалиција, која би го одобрила буџетот за 2020 година и би гласала за реформи на Парламентот пред да се организираат вонредни избори.
– Подготвен сум да се откажам од избори извесен период, за да се усвои клучното законодавство. Дали сакате да го намалите бројот на парламентарци и потоа да гласате? Подготвени сме за тоа. Ако тогаш сакате да го претставите храбриот буџет, подготвени сме и за тоа – посочи Салвини во италијанскиот Сенат.
Премиерот Џузепе Конте денеска поднесе оставка откако се продлабочија несогласувањата со вицепремиерот и лидер на Лига, Салвини.
Во обраќањето во Парламентот, Конте претходно го обвини Салвини дека сопствениот интерес го става пред државниот.
– Одлуката на Салвини (да ја разниша коалицијата) е сериозна и има значителни последици по економскиот и социјалниот живот на земјата – посочи Конте.
Конте, кој е професор по право, денеска се обрати пред италијанскиот Сенат, речиси две недели откако Салвини го повика да го прекине партнерството и да се оди нови избори.
Лигата бараше изгласување недоверба на Владата на Конте, но тој тоа го избегна и сам поднесе оставка.
Минатиот викенд, Конте жестоко го нападна Салвини за своите постапки, обвинувајќи го за нелојалност. Се започна кога Салвини одби да дозволи миграциски спасувачки брод да вплови на островот Лампедуза.
Фото: EPA/ETTORE FERRARI