Програмата „Земја во фокус“ на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е посветена на Германија, земјата која денес гради најмногу филмски копродукции во Европа.
Главниот фокус на годинашниот „МакеДокс“ е создавање на копродукции како начин на рушење на ѕидовите и создавање подобра работна мрежа меѓу филмските професионалци и фестивалските организатори. Во програмата ќе бидат прикажани 8 германски документарни филмови, ставајќи посебен акцент на источно-германската продукција. Програмата е поддржана од Гете-институтот во Скопје.
Чешката вечер на „МакеДокс“, поддржана од Амбасада на Република Чешка во Скопје и Чешкиот Културен Центар во Софија, ќе се одржи на 27 август. Во Куршумли-ан, во 21 часот, ќе биде прикажан биографскиот документарен филм со пикантерии за светски познатиот чешки режисер Милош Форман „Форман наспроти Форман“ (Чешка, Франција/2019/78 мин.) во режија на иконата на чешката документаристика, Хелена Трештикова, и Јакуб Хејна. Истата вечер на платото пред Куршумли-ан, во 23 часот, ќе биде прикажана приказната за мистериозноста на „Главната автобуска станица“ во Тел Авив на младиот чешки режисер Томаш Елшик.
На Детската програма на „МакеДокс“ создадена и курирана од Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови ДОК Лајпциг, се селектирани 12 анимирани и доку-анимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст, пред сѐ, од Германија.
Детската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар 23-27.08.2019 и тоа од 18 часот – Анимирани приказни за деца од 5 до 55 години и од 19:30 часот – Креативни документарни филмови за млади.
Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“.