Елтон Џон го платил летот на принцот Хари и Меган за Ница

929

Британскиот музичар Елтон Џон застана во одбрана на војводата и војвотката од Сасекс, Хари и Меган, во однос на „искривените и злонамерни” известувања на медиумите за патувањето на брачниот пар со бебето Арчи во Ница, Франција.

Поп-пејачот, инаку долгогодишен пријател на покојната принцеза Дијана, на Твитер напиша дека чувствува должност да го заштити младото семејство од медиумите, со оглед на тоа дека медиумите придонеле за прераната смрт на мајката на Хари.

Во соопштението стои дека Елтон и неговиот партнер Дејвид се тие кои го платиле летот на војводата и војвотката со приватен авион, оти сакале тие да имаат високо ниво на безбедност.

– По напорната година, исполнета со тешка работа и посветеност на добротворната дејност, Дејвид и јас сакавме младото семејство да има безбеден приватен одмор и ние да имаме мир во нашиот дом, напиша пејачот.

Принцезата Дијана загина во Париз 1997 година, а потоа седум фотографи беа обвинети за убиство од небрежност. Обвиненијата беа отфрлени.

Патувањето на Хари и Меган го привлече вниманието на медиумите. Изминативе денови на интернет кружеа матни фотографии како тие излегуваат од приватен авион, а таблоидите пишуваа дека ова е трето нивно патување со приватен авион летово.

Општиот впечаток, според многумина, е дека британските таблоиди последниве години се доста сурови кон Меган Маркл. Така, на пример, принцот Хари во 2016 година преку соопштение остро реагираше на „расистичките и сексистички медиумски наслови“ околу својата, тогаш – девојка, изразувајќи, меѓу другото, и загриженост за нејзината безбедност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...