Во организација на Музејот на Град Скопје, под финансиско покровителство на Градот Скопје, денеска ќе започне 14-та Меѓународна ликовна колонија „Скопје”.
На овогодишното издание ќе учествуваат 10 ликовни уметници од кои, според вообичаената селекција, пет се домашни автори и пет се од странство. Како што информираат од Музејот на Град Скопје, годинава ќе бидат домаќини на уметници, секој од нив оригинален и посебен според сликарската техника и стилската определба. Од домашните автори ќе учествуваат: Маја Рауник Кирков, Маја Стефановска, Трајче Чатмов, Христијан Санев и Филип Фидановски, а од странство гостуваат уметниците Скендер Бедриу од Косово, Ипек Денизли од Северен Кипар, Мариана Абрамова од Украина, Зузана Ардо од Велика Британија и Кацпер Дудек од Полска.
Уметниците ќе ги создаваат своите дела во прекрасниот и инспиративен амбиент на хотел Арка, сместен во срцето на Старата скопска чаршија, кој исто така е еден од организаторите на манифестацијата.
Ликовната колонија ќе биде официјално затворање со презентација на создадените ликовни дела на 29 август во 20:30 часот во хотел Арка.
Делата создадени од оваа Колонија ќе бидат изложени во рамките на манифестацијата на Град Скопје за одбележување на Денот на ослободување на Скопје – 13 Ноември.