Бектеши утре на средба со Шела за забраната за увоз на компир и мед

69

Министерот за економија Крешник Бектеши утре во Косово ќе има средба со министерот за трговија и индустрија Ендрид Шала, по мерката на Приштина за забрана на увоз на компир и мед од земјава.

Од Министерството за економија соопштија дека средбата на Бектеши и Шала ќе се одржи утре претпладне во девет часот.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов денеска најави дека ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина.

Според Атанасов, македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.

– Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана – истакна Атанасов, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на новиот Правилник за условите за ставање во промет на храната од животниско потекло наменета за директно снабдување до крајните потрошувачи.

Во петокот, косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља наложи забрана на увоз на компири и мед од Северна Македонија како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово. Забраната, како што изјави Шаља за порталот „Газета експрес“, ќе остане во сила се додека органите во Северна Македонија не ја преразгледаат одлуката за увозот на риба за порибување

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...