И сирењето од тетка Магда ќе треба да се декларира

На ваков начин, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство се воспоставува лесна следливост на производите и многу побезбедна храна од традиционално производство.

1785

Земјоделските семејства, традиционални производители на храна и малите фарми кои произведуваат млеко, млечни производи, месо и производи од месо, како и мед ќе можат да ги продаваат своите производи директно на граѓани или на трговски објекти. Ова го предвидува новиот Правилник за промет на храна од животинско потекло, кој беше презентиран денеска во Стопанската комора.

При тоа, како што беше речено на прес-конференцијата, тие ќе треба да ги задоволат основните стандарди за безбедноста на храната и да обезбедат хигиенски услови на производство.

Покрај ова, тие имаат обврска и да обезбедат соодветно пакување за производот и декларација на која ќе бидат напишани основните информации за тоа од каде потекнува производот, датумот на производство, рокот на употреба и начинот на чување на производот.

На ваков начин, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство се воспоставува лесна следливост на производите и многу побезбедна храна од традиционално производство.

– Новини се предвидени во делот на производството на сурово млеко кое со овој подзаконски акт примарниот производител ќе може да го стави во промет преку продажба во млекомати. Во делот кој го регулира колењето животни на фармите исто така има новини. За оваа активност на фармите, одгледувачот на животни ќе може да користи услуга од мали мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, а регулирано ќе биде и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната. Се доуредува и делот кој се однесува на производство и продажба на конзумна риба, производите од месо, медот, конзумните јајца – појасни Ванчо Новоселски, раководител на инспекциски надзор при АХВ.

Колку ќе треба да инвестираат традиционалните производители на храна за да ги исполнат условите за ваков вид на продажба на овој производ, засега не се знае. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, вели дека за сите дозволи имаат ценовник.

– Наша цел е да обезбедиме безбедна храна за населението, а производителите одлучуваат дали ќе инвестираат во тоа – вели Атанасов.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...