Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека руските стратешки бомбардери „Тупољев 160“ минатата недела извеле планирани летови до Чукотскиот автономен регион и потенцира дека целта не била застрашување на САД.
– Ние го правиме тоа што го правевме и претходно. Нашите стратешки бомбардери од долг досег почнаа да спроведуваат летови до областите до кои летаа и во минатото. Летовите беа изведени според однапред предвиден распоред – рече Шојгу, коментирајќи го тоа што двата бомбардера „ТУ-160“ одлетаа до аеродромот во Анадир и се вратија во Сараватовската област, на југот на Русија.
Во интервју за телевизијата „Русија 24“ Шојгу додаде дека САД биле свесни за летовите на руските авиони.
– Како е можно застрашување на своите соседи со употреба на стратешки бомбардери? – се запраша рускиот министер за одбрана.
Руското Министерство за одбрана во средата соопшти дека, во рамки на своите тренажни активности, упатило два бомбардера „ТУ-160“ , што можат да носат нуклеарно оружје, на рускиот Далечен исток, наспроти Аљаска.